Обоистката Ариан Баке и пијанистот Теодор Ламбер од Франција испишаа уште една магична ноќ во историјата на „Охридско лето“, со концертот што го одржаа во рамките на традиционалната Француска вечер, велат организаторите на фестивалот. Овој фестивалски настан секоја година се организира со поддршка на Амбасадата на Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Концертот во црквата „Света Софија“ го проследи и амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, кој рече дека во град што е под заштита на УНЕСКО, како што е Охрид, треба да се донесе најдоброто од европската култура.

– Охрид е место што служи за инспирација и секој што ќе дојде тука сака да го даде најдоброто од себе. Тоа е многу важно затоа што самиот град и езерото се под заштита на УНЕСКО. Ако понекогаш му се случува на човекот да ја уништува својата природна средина, тој може сепак да ја подобри својата културна средина, своето културно милје. И на секој од нас останува, преку фестивалот „Охридско лето“ да размисли што е најдобро – човечкиот дух – рече Тимоние.
Уметниците Баке и Ламбер ја потврдија својата виртуозност со одлично одбран репертоар со композиции од Шуман, Дранишкова, Чајковски, Пуланк Рахманинов, а за крај на вечерта отсвирија делови од операта „Ла Фаворита“ од италијанскиот композитор Доницети.
– Поради состојбата со вирусот не можевме да свириме со месеци, па затоа овој настап на „Охридско лето“ ни дојде многу убаво, многу олеснувачки. Оваа црква и воопшто целиот град се прекрасни – изјави по обоистката Баке.
Двајцата млади француски уметници престојот во Охрид го искористија и за разгледување на убавините и, како што рекоа, се воодушевени од богатството што го виделе.

– Среќен сум што дознавме за Македонија, за овој град, за сета убавина, прекрасната архитектура и скриеното богатство што се наоѓа овде – рече пијанистот Ламбер.
Француската вечер на „Охридско лето“ секоја година ја воодушевува фестивалската публика со врвни уметници од Франција што настапуваат со извонреден репертоар. Минатата година свој печат оставија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Ванесан Мусат.