Во полн ек се подготовките за 12-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Покрај вредните награди, во рамките на фестивалот се одржуваат солистички концерти за класична гитара и мастеркласови, а како централен настан е натпреварот на кој учествуваат талентирани млади луѓе.
На задоволство на публиката, и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови. Меѓу концертите планирани за годинава се оние на: Давид Стрбац – Србија/Австрија и на Адам дел Монте – САД, кои ќе се одржат на 19 мај во малата сала на Македонската филхармонија, потоа на „Дуо Дениција“ – Македонија/Германија и на Герхард Рајхенбах – Германија, најавени за 21 мај во „Куршумли ан“, како и на Нејц Кухар – Словенија/Австрија и на Габриел Бјанко – Франција, чии настапи на 22 мај, исто така, ќе бидат во малата сала на Македонската филхармонија.

Најавено е учество на многу гости од странство, од кои некои ќе бидат и членови на интернационалното жири: Адам дел Монте од САД, еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори, добитник на награди „греми“; Габриел Бјанко од Франција, еден од најдобрите денешни класични гитаристи, победник на престижни меѓународни натпревари; Герхард Рајнхенбах од Германија, кој веќе 40 години настапува како солист и заедно со оркестри на сите важни меѓународни фестивали на гитара; Нејц Кухар од Словенија/Австрија, професор на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена и на конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајнштадт; Ерхан Мујка од Косово, Бошко Радојковиќ од Србија, Џевдет Сахатчија од Хрватска/Косово, Николај Михаилов и Стела Динкова од Бугарија. Од македонска страна во жирито членуваат: Дарко Багески, Борче Наумоски и Љубомир Наќевски, како и директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.
Овој фестивал е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара.