Редок настан на македонската книжевна и преведувачка сцена е неодамнешното излегување од печат на антологијата на македонскиот расказ со наслов „Современа македонска фикција“ во најреномираната светска издавачка куќа, „Далки архив прес“, со седишта во Даблин (Ирска), Лондон (Велика Британија) и во САД. Книгата е наменета за англоамериканскиот пазар.

– Ваквите изданија се навистина многу ретки, па станува збор за мошне значајна книга за афирмација на македонската книжевност на странскиот издавачки пазар. Во книгата се застапени раскази на повеќе наши автори, меѓу кои веќе афирмирани и докажани, како и претставници на поновата генерација: Митко Маџунков, Драги Михајловски, Јагода Михајловска-Георгиева, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Блаже Миневски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Снежана Младеновска-Анѓелков, Жарко Кујунџиски, Румена Бужаровска, Марта Марковска, Сашо Димоски, Ненад Јолдески и Берт Стеин (псевдоним на Бранко Прља) – вели писателот Блаже Миневски, кој е застапен во книгата.
„Далки архив прес“ планира повеќегодишна едиција на македонската литература и издавање по пет книги годишно, што ќе вклучи проширена маркетинг-програма, а и ќе ги одведе нашите писателите во САД и во Ирска. Оваа едиција ќе придонесе писателите да бидат издадени и во други држави.

– Ова издание ќе ни помогне да станеме повидливи и ќе помогне за популаризација на македонската литература во САД, но исто така и во Европа, преку превод на книгите на англиски јазик. Ваквиот вид антологија е одличен начин да се претстават поголем број писатели одеднаш, на едно место – вели писателот Александар Прокопиев.
„Далки архив прес“ има импресивна дистрибуција на своите книги во САД и пошироко. Една од извонредните работи за „Далки архив“ е тоа што објавува критицизам, како и оригинални книжевни дела.

– Има многу да се препорача од скромните, но брзорастечки македонски книжевни дела. Сепак, малиот број на преводи што се достапни на англиски јазик ја отежнува задачата за поврзување на другите со македонската литература. Целта на оваа антологија е да им се овозможи на читателите пристап до некои од највозбудливите и иновативни современи дела од кратката македонска фикција. Тука е многу важно да се споменат две претходни антологии што го претставија македонското пишување на англиски „Големиот коњ и други приказни за модерна Македонија“ на Милн Холтон и „Промена на системот, приказни за современа Македонија“ од Ричард Гогран и Зоран Анчевски. Пошироко кажано, секое дело опфаќа одреден период од македонската книжевна историја, и двете дела ја следат еволуцијата на македонските кратки раскази, која започна во втората половина на дваесеттиот век – вели приредувачот Пол Филев во предговорот на книгата.

Тој појаснува дека првиот период датира од 1945 година, кога македонскиот јазик беше стандардизиран, и се однесува на литературата напишана во периодот по Втората светска војна. Расказите од овој период – собрани во некогашната антологија – се карактеризираат со традиционални стилови на пишување. Вториот период датира од формирањето на Република Македонија како суверена држава во 1991 година, а може да се опише како период на независност на литературното изразување што траеше до крајот на милениумот.

– Како што е покажано во последната колекција, приказните од овој период се обележани со промена од реалистичката во постмодернистичката наративна техника. Aнтологијата го продолжува проектот за пристапност на работата на македонските писатели на поширока публика. Таа го следи бурниот втор период што ги одбележа првите десет години од македонската државност од 1991 до 2001 година. Сите, освен една од приказните вклучени тука, со мноштво стилови, се напишани во првите две децении од 21 век. Овој период може да се карактеризира како период на посттранзиција, но сè уште не може да се одликува со чувство на смиреност или стабилност. Наместо тоа, остануваат неостварливите карактеристики во македонското општество на кое се засноваат приказните од овој период – вели Филев.

Според него, антологијата претставува еклектична мешавина, избраните шеснаесет приказни се засновани врз субјективни размислувања.

– Ниту една антологија од овој размер не може да се смета за репрезентативен пресек на македонскиот расказ. За оние што се запознаени со книжевната сцена во Македонија, изоставувањето од оваа антологија ќе биде очигледно. И покрај тоа што тука е поедноставено, приказните избрани за оваа колекција нудат широк спектар современа македонска проза наменета за широка публика – истакна Филев.