Шестиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски, „Врба“, ја надмина бројката од 30.000 гледачи.

– Ова е најгледан филм во државата за 2019-та, надминувајќи ги и холивудските блокбастери. „Врба“ е и најгледан македонски филм во последниве години. Во минатото, во времето пред интернет-стриминг, генералната посетеност на сите кинопретстави беше на друго ниво. На пример, филмот „Прашина“ на Манчевски постави рекорд со 120.000 гледачи во 2001-та – велат од продукцијата.

„Врба“ од неодамна се прикажува во Кинотека. Неодамна, пред преполна сала, режисерот Манчевски се вклучи во разговор со публиката, кој го модерираше филмската критичарка Марина Костова. Разговорот траеше повеќе од еден час и во него беа дискутирани аспекти од „Врба“, но и од творештвото на Манчевски воопшто.

Минатиот месец од „Синеплекс“ објавија дека „Врба“ е најгледаниот филм во нивната историја воопшто. Дистрибутерот на филмот го прикажа филмот во над 20 града во државава. Поради популарноста на филмот, од „Синеплекс“ и Кинотека објавија дека филмот се враќа на нивниот репертоар. „Врба“ ќе игра во два термина дневно (18 и 20 часот), на 21, 22, 24, 25, 28, 29 и 30 јануари (само во 17 часот), како и сабота 1 февруари. Филмот ќе продолжи да се прикажува и низ Македонија.