Шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски, „Врба“ ќе биде дел од официјалната програма на Филмскиот фестивал во Рим кој се одржува од 17-ти до 27-ми октомври. На денешната пресконференција која се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје, Манчевски, Горјан Тозија и Јане Ќортошев го најавија датумот за светската премиера на „Врба“ која ќе се случи на 19-ти октомври.

Римскиот фестивал е најмладиот меѓу најелитните фестивали во светот, каде голем број оскаровци имале свои светски премиери. Годинава се оджува по 14-ти пат, а „Врба“ е прв македонски филм којшто е селектиран во неговата официјална програма, заедно со најновото остварување на Мартин Скорсезе „Д Ајришмен“ и „Мадерлес Бруклин“ на Едвард Нортон.

Директорот на Македонската агенција за филм, Горјан Тозија, сподели дека да се работи со Милчо Манчевски е голема возбуда и голема обврска.

– Се надевам дека овој филм ќе се надоврзе со успесите што македонската кинематографија ги доживува во изминативе години. Можеби за пошироката јавност Римскиот фестивал не е толку познат како Кан, Венеција и Берлин, меѓутоа е фестивал со неверојатно истенчен вкус и многу тешко е да се влезе. Јас, како директор на Агенцијата, имам трема што сме во иста селекција со Мартин Скорсезе. Милчо е еден од „билбордите“ на Македонија низ светот, така што мислам дека овој филм ќе се врти
успешно – вели тој.

Антонио Монда е уметнички директор на фестивалот, каде досега светски премиери имале големите оскаровски имиња: Браќата Коен, Френсис Форд Копола, Хелен Мирен, Харисон Форд, Кејт Бланшет. Џулиен Мур, Хоакин Феникс, Дејвид Линч, Питер Џексон, Парк Чан-Вок, Мајкл Мур, и многу други.

Продуцентот на „Врба“ Јане Ќортошев сподели дека покрај премиерата на римскиот филмски фестивал, тие ја имаат и честа филмот да се прикажува во првиот викенд на фестивалот.

– Можам да кажам дека, особено во организацискиот дел на филмската работа, македонските филмски професионалци се на исто ниво со светските. Во моето искуство од веќе 20 години во тој организационен дел од филмот, Македонија воопшто не заостанува во професионализмот од која било филмска екипа во светот – изјави Ќортошев.

Режисерот Манчевски, прв пат по 10 години режира во Македонија. По успешното
снимање на неговите претходни филмови во САД и Куба, тој се враќа во својот роден крај за снимањето на „Врба“.

– Филмот е за три млади мајки. Едната приказна се случува ви средниот век во Македонија, а другите две приказни се современи. Приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а истовремено се и контраст една на друга. Тоа се љубовни приказни, во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот, но и на поединецот кон општеството – открива Манчевски, дополнувајќи дека филмот многу скоро ќе ја има и својата македонска голема премиера, по која ќе се најде и на редовните репертоари на домашните кина.

„Врба“ е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција со учество на Албанија. Снимањето на филмот траеше два месеци низ различни локации во прилепскиот регион и препознатливи локации низ Скопје. Актерската екипа ја сочинуваат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Рамадановиќ, Ана Костовска и други.