Македонскиот кандидат за „оскар“ за 2021 година, „Врба“ на Милчо Манчевски, ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг-платформите низ САД, во дистрибуција на киното „Лорбер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД. „Врба“ќе се прикажува пред американската публика во текот на 2021-та и ќе продолжи во 2022 и 2023 година.
Сопственикот на киното „Лорбер“, Ричард Лорбер, го нарече „Врба“ „моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството.
– Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика – рече тој.
Киното „Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4.000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на „оскар“ и номинирани филмови и филмови на големи автори, како „Жртва“ на Тарковски, „Странецот“ на Орсон Велс, „Книга слика“ на Жан-Лик Годар, „Враќање дома“ на Хол Ешби, „Софи Шол“, „Збогум на оружјето“ и др.