Започна првиот преглед на штетите на уметничките дела и архитектурата на Капитол

Таа прва среда во новата 2021 година светот го обиколија шокантни снимки на приврзаниците на Трамп, кои без какви било проблеми влегуваат во зградата на американскиот Конгрес, упаѓаат во канцелариите, но и позираат со вредни скулптури и слики и со сeбе носат „сувенири“ што ќе ги потсетуваат на тој ден. Тие неколку часа голем број уметнички дела беа препуштени на милоста и немилоста на толпата на вандалите што вмаршираа во Капитол, со намера да го спречат прогласувањето на победата на Бајден. Нивното време во зградата сега ја претставува штетата што ја оставиле зад себе, пишува овие денови „Њујорк тајмс“, додека последиците од невиденото дивеење во зградата што важеше за симбол на демократија уште се утврдуваат.

Крв на бистата

На една фотографија се гледа мраморната биста на поранешниот претседател Захариј Тејлор од 19 век ишарана со нешто што изгледа како крв, на друга се гледа рамка на подот, но сликата се чини дека исчезнала. Еден човек во ранец ја напика врамената фотографија на далај-лама, друг пушеше марихуана во собата со картата на Орегон на ѕидот, трет го искина свитокот со кинеските знаци.
– Погледнете го целиот овој модерен мебел што го имаат – рече еден со црвена шапка на глава.
Сѐ на сѐ, до моментот кога полицијата ја осигури зградата, по четиричасовната опсада на демонстрантите, прозорците и вратата на една од најпознатите градби на светот беа искршени, канцелариите оштетени, мебелот оштетен, превртен или украден.
– Сцената внатре беше хаотична. Луѓето се движеа во сите насоки. Мокреа по ѕидовите, ја туркаа и ја уништуваа опремата. На подот имаше искршено стакло. Најчудната работа што ја забележав е дека многумина од нив само снимаа самослик во зградата и сега тоа го документираат – сведочи фотографот на „Лос Анџелес тајм“, Кент Нишимура, кој снимил една од впечатливите фотографии од настанот, а го прикажува уништеното стакло на вратите во кое се рефлектира американското знаме.

Недостапната фреска

– Уметничките дела на американскиот Капитол беа изложени на солзавец и на спреј во текот на упадот на десничарските ограбувачи што во средата ги поттикна претседателот Доналд Трамп и ќе им треба чистење и реставрација – соопшти Ерин Кортни, портпаролката на сојузната агенција „Архитект оф Капитол“, која се грижи за уметничките дела и за архитектурата на Капитол по првите прегледи на зградата.
Нивната почетна процена е дека големината на штетата е ограничена на скршено стакло, на скршена врата и графити. На западната фасада тимовите воочиле графити, во близината на инаугуралните трибини, и две искршени осветлувачки тела. Статуите, фреските и одделните парчиња мебел, како што известила, претрпеле различен степен на оштетување – првенствено од нанесениот спреј, од солзавецот, како и од апаратот за гасење пожар, така што ќе треба да се исчистат. Таа нагласува дека „Архитект оф Капитол“ има тим што може да ги реши сите потребни поправки. За среќа, според првите процени, одделните уметнички дела што се сметаат за најголемо богатство на зградата не претрпеле поголема штета.

Кустосите најмногу биле загрижени за големите слики што прикажуваат сцени од основањето на републиката во Ротондата, меѓу кои е и „Декларацијата за независност“ на Џон Трамбл, едно од ремек-делата од почетокот на 19 век, кое ја прикажува американската борба за слобода, како и за бистата на Мартин Лутер Кинг и за десетици статуи во зградата на американскиот Конгрес. „Апотеозата на Вашингтон“, фреската на Константино Брумиди, на плафонот на Ротондата, која го прикажува првиот претседател на државата со алегориските фигури на слободата, победата, науката и војната, им била непристапна поради својата положба. Особено била загрозена салата јужно од Ротондата, која содржи 35 статуи на истакнати Американци, дел од збирката на сто статуи на Капитол, по две од секоја од 50 држави. Збирката на слики на Капитол, инаку, вклучува и голем број портрети и пејзажи, a портретите на Џорџ Вашингтон, како оној на Рембрант Пил во Комората на Стариот сенат, се едни од најценетите. И самата зграда е уметничко дело, пример на неокласицистичката архитектура. Ја проектирал Вилијам Торнтон на крајот од 18 век, а ја довршил бостонскиот архитект Чарлс Булфинч во 1826 година. Историјата на Капитол како место е забележана во низа фрески на Алин Кокс.

Пожарот во 1812 година

Барбара Е. Воланин, кустоска во пензија на AOK, изјавила дека ова било првпат капитолската збирка да биде загрозена во таа мера. Како што открила, одделни парчиња во минатото претрпеле „мала“ штета – последен пат во 1998 година, кога еден напаѓач упаднал во зградата убивајќи двајца полицајци и повредувајќи туристка пред да биде уапсен. Последниот упад на голема насилна група луѓе бил во текот на војната во 1812 година, значи пред повеќе од 200 години, кога британските трупи ја запалиле зградата.
– Не почитуваа ниту една од овие работи. Тоа е она што е навистина застрашувачко – рекла Воланин за толпата што во средата опустошуваше во зградата.
Во деновите што следуваа, за време на посетата на Капитол за да ја утврдат штетата, конзерваторите поставија и прашање дали треба дел од оштетувањата да се остават како потсетник на тој настан, како нешто што во иднина ќе нѐ’ предупредува дека сите наши споменици, нашите институции и нашите вредности се ранливи и дека за нив треба да се грижиме непрекинато. Но предупредија и дека е важно тоа да се направи на начин што не им дава на вандалите статус на херои. Важно е, сметаат поборниците на оваа идеја, несакајќи да не се создаде светилиште во знак на сеќавање на демонстрантите.