Технолошкиот гигант „Тенсент“ ги откри плановите за „град на иднината“, речиси целосно базиран на идејата за град без автомобили, што би бил ист по големина со Монако, во кинеската метропола Шенжен. Наречен Нет Сити, со урбана површина од 2 милиони квадратни метри, градот ќе им даде приоритет на пешаците, зелените површини и на самоуправувачките возила, откриваат дизајнерите.
Амбициозниот град во град се планира да зафати дел од откупена земја што навлегува во устието на реката Перл. Планира да прими население од околу 80.000 луѓе, оваа локација првенствено ќе му служи на „Тенсент“, конгломерат што стои зад „Вичет“ и „Кјукју“, популарен сервис за пораки во Кина.
Но покрај резиденции и канцеларии на компанијата, се очекува соседството да биде домаќин на продавници, училишта и други јавни удобности, а ќе биде поврзано со остатокот од Шенжен преку патни мостови, траекти и градски метро-систем. Американската фирма што стои зад планот, НББЈ, се надева дека местата за забава, парковите и крајбрежното шеталиште на новата област ќе привлечат посетители од други места во градот.

– Како таков, планот се разликува од затворените кампуси, кои ги водеа големите технолошки компании во последните години. Дефинитивно е дестинација (и има) граѓанска компонента. Не е замислено да биде изолиран, осигуран остров, тоа е живописен град. Луѓето ќе шетаат низ него, ќе се поврзуваат и ќе биде од витално значење за Шенжен – вели Џонатан Вард, дизајн партнер во НББЈ.
Со невообичаено големиот простор за работа, НББЈ, кој победи на меѓународен натпревар за дизајнирање на локацијата, беше во можност да ја преиспита улогата на автомобилот во урбанистичкото планирање.
– Нашата главна цел беше да обезбедиме место каде што иновациите би можеле навистина да цветаат. За да го сториме тоа, се обидовме да го минимизираме влијанието на автомобилот колку што е можно повеќе. Живот без автомобили сè уште е предизвик во нашиот свет, затоа поминавме многу време во дизајнирање на градот, отстранувајќи ги автомобилите од местата каде што не треба да бидат и фокусирајќи се на луѓето – вели Вард.

Иако регуларните автомобили ќе можат да пристапат до некои делови од соседството, планот се центрира околу „зелениот коридор“ дизајниран за автобуси, велосипеди и автономни возила. Распоредот го елиминира она што Вард го нарекува „непотребен“ сообраќај.
– Не ви треба еден блок опкружен со патишта, може да имате осум блока опкружени со еден пат и да ги елиминирате сите меѓу нив. Ние ги „елиминиравме“ патиштата на места каде што сметаме дека е во ред луѓето да пешачат две минути подолго од метро-станицата или од местото каде што ќе ги остави таксито. И, во тие две минути, може да видите нешто инспиративно, да се поврзете со природата или да се сретнете со колега што не сте го виделе некое време, сите тие работи се случуваат на работното место, можат да се случат и во градот – вели Вард.

Покрај интегрирање во пошироката урбана средина на Шенжен, мастер-планот на НББЈ е дизајниран да го понуди она што го нарекува „меѓусебно поврзан, органски екосистем фокусиран на човекот“. За вработените во „Тенсент“, ова може да значи преклопување на нивната работа и приватниот живот, идеја што стана сè порелевантна со пандемијата на ковид-19.
Мастер-планот, исто така, ја разгледува одржливоста на животната средина со соларни панели на покривите и елаборирани системи за складирање и повторна употреба на отпадни води. Наедно, се анализираат и проекциите за идните зголемувања на нивото на морето за да се обезбедат зградите и да бидат подобро заштитени од климатските промени.

„Тенсент“ не е единствената приватна компанија што сака да создаде свој минијатурен град. На почетокот на оваа година, производителот на автомобили „Тојота“ ги откри плановите за 175-хектарскиот Вовен Сити во подножјето на планината Фуџи, Јапонија, каде што ќе тестира самоуправувачки возила, паметна технологија и роботско асистирано живеење.

Покрај Нет Сити, се планираат и голем број други развојни активности од големи размери во Шенжен, град што драстично се зголеми од 1980 година па наваму, кога кинеската влада го нарече „специјална економска зона“. Првата фаза од новата деловна област, која исто така се гради на откупено земјиште, се очекува да заврши до 2022 година.
На Нет Сити на „Тенсент“ ќе му бидат потребни околу седум години, а изградбата се очекува да започне подоцна оваа година. Десетиците индивидуални згради, кои ќе се движат од еден до 30 ката во висина, ќе бидат дизајнирани од различни архитектонски фирми.