Макс Бункер знае за славата на Алан Форд во ова катче на Европа: „Мора да кажам дека луѓето од цела поранешна Југославија се многу интелигентни“

Популарниот стрип

Алан Форд, италијанскиот стрип од крајот на 1960-тите години за несреќните тајни агенти што се борат против низа бизарни негативци, вклучувајќи еден што краде од сиромашните за да им даде на богатите, е замислен како сатира. Но на поклониците од дел од некогашна Југославија, црната комедија со многубројни измамници и лажговци, им се чинеше како точен опис на нивното секојдневие.
Создаден пред половина век од перото на италијанските мајстори на стрипот, Лучиано Сечи и Роберт Равиола, познати по уметничките имиња Макс Бункер и Магнус, Алан Форд има култен статус на Балканот. Дејството е сместено во Њујорк и нуди различни критики на одделни аспекти на американското општество, како што се безмилосниот капитализам или расизмот. Меѓутоа, стрипот никогаш не е преведен на англиски и не успеал да ја достигне глобалната сцена. Во Италија неговата популарност брзо избледела, но во Југославија беше инстант хит чие влијание се прошири на поп-културата и го издржа тестот на времето така што нови изданија редовно се печатат.

Антијунаци
Во белградскиот Музеј на Југославија во тек е изложба посветена на оригиналните цртежи и на ретките изданија на Алан Форд, која лани кратко време гостуваше и во Риека. Автор е Словенецот Рок Главан.
– Многу е ретко странски културен производ да стане неодвоив дел од културното наследство на земјата примателка – рекол Лазар Џамиќ, автор на книгата за успехот на Алан Форд во Југославија.
Тоа е приказна за група тајни агенти, чудаци, чие седиште им е замаскирано во цвеќарница. На чело на групата антијунаци е вечниот „мудрец“ врзан за инвалидска количка, познат по името Број Еден. Негов заменик е Дебелиот Шеф, а заедно со насловниот Алан Форд, членови се хипохондрикот Јеремија, „инженерот“ Грунф, британскиот благородник и клептоман Сир Оливер и нервозниот Боб Рок. Џамиќ во својата книга „Цвеќарницата во куќата на цвеќето“ објаснува дека Алан Форд наишол на плодна почва во Југославија бидејќи таму надреализмот „не е уметничка форма туку начин на живот“. Читателите што во стварноста мораа да се носат со бесконечната бирократија и раширената корупција препознаа дел од своето општество во сатирата на Алан Форд. „Нам тоа ни е природна форма на општествена организација“, изјавил тој.

Брикси
Клучниот фактор за успехот на Алан Форд на Балканот е снаодливиот превод на Ненад и Давор Брикси, татко и син што успеаја да го пренесат посебниот милански хумор на хрватски и да создадат нов облик на сленг. Давор Брикси вели дека југословенската комунистичка власт ги присилила да променат некои цртежи за да ги отстранат чувствителните политички референци, како свастиката на нацистичките униформи.
– Во текстовите немавме интервенции бидејќи авторовиот стил на навредување политичари, војска и полиција беше многу суптилен – рече тој.
Макс Бункер, еден од авторите на стрипот, знае за славата на Алан Форд во ова катче на Европа.
– Морам да ви кажам дека луѓето од БиХ, Хрватска, Србија, цела поранешна Југославија, се многу интелигентни бидејќи многу брзо го разбраа и прифатија мојот хумор – изјавил тој за „Ал џезира“.