Синоќа во Галеријата на Младинскиот културен центар се одржа промоција на романот „Замор на материјалот“ од чешкиот писател Марек Шинделка, кој лично присуствуваше на настанот. Промотор на книгата во издание на „Антолог“ беше Алекс Букарски. Преводот на делото на македонски јазик е на Јасминка Делова-Силјанова и на Даниела Роус-Мишевска.

Марек Шинделка (1984) е чешки писател и поет. Студирал културологија на Филозофскиот факултет при Карловиот универзитет во Прага и сценаристика на прашката ФАМУ. За првата поетска збирка му е доделена наградата „Јиржи Ортен“. Двоен добитник е на наградата „Магнезија литера“. Романот „Замор на материјалот“ е на многу актуелна тема – миграцијата, а го опишува патот до Европа на двајца браќа од неименувана земја зафатена со војна. Настанот се организира со поддршка на Амбасадата на Чешката Република во Скопје, Чешкиот центар во Софија, Чешкиот книжевен центар, Моравската библиотека во Брно и Младинскиот културен центар.