Сиве овие години КИЦ користеше пијано од марката „петроф“, кое веќе одамна е амортизирано бидејќи е донесено во институцијата уште во 1972 година. Оттука донацијата на новиот клавир од Интернационалната фондација за музика и уметност од Лихтенштајн, претставува историски чин, не само за КИЦ, туку воопшто за музичката култура во нашата земја

Културно-информативниот центар од Скопје доби ново пијано за потребите на музичката активност во „Салон 19,19“ – донација од Интернационалната фондација за музика и уметност (ИМАФ), со седиште во Вадуц, Лихтенштајн, која неодамна помогна и во реновирањето на камерниот салон на КИЦ.
– Откако сум јас директор на оваа установа успеав да го реновирам „Салонот 19,19“, кој е единствен салон и најпознат за концерти и камерни состави во градот Скопје и единствено што ми остана да се промени беше клавирот на што сите врвни уметници ми сугерираа, така што сега и тоа се промени. Имаме одличен клавир, кој ќе им служи на новите генерации – вели Сермине Пурини, директорка на КИЦ.

Сиве овие години КИЦ користеше пијано од марката „петроф“, кое веќе одамна е амортизирана бидејќи е донесено во институцијата уште во 1972 година. Оттука оваа донација претставува историски чин, не само за КИЦ, туку воопшто за музичката култура во нашата земја, затоа што „Салон 19,19“ е единствен и најпознат простор за концерти и камерни состави во градот Скопје. По сугестиите на повеќемина врвни музички уметници за дотрајаноста на пијаното старо 46 години, кое често бараше штимање пред изведба (последните години се користеше повеќе за пијано-придружба, отколку за соло-изведби), раководството на КИЦ направи напор да донесе нов инструмент што ќе им биде од корист на новите генерации музички изведувачи.
Новото пијано, донација од ИМАФ, е од марката „гранд пиано – јамаха C6X“, има нов, одличен звук, а донесено е преку овластениот дистрибутер на „Јамаха“ во Македонија, еден од најголемите продавачи на музички инструменти „До ре ми“ од Скопје.

– Овој клавир е нов со одличен звук, но верувам дека на пијанистите е редот да дадат професионален коментар. Во текот на мај КИЦ планираме концертна промоција на новото пијано со настап на еминентни пијанисти што најдобро би ги покажале неговите перформанси. Концертната активност во КИЦ, која е зголемена по реновирањето на салонот, се очекува уште повеќе да добие на квалитет со новиот инструмент, кој останува во трајно наследство на институцијата. Тој нема да се користи за секаков вид концерти, туку само за посебни пригоди и гости, додека стариот клавир останува во функција како придружен инструмент. Верувам дека новиот клавир треба да се чува бидејќи не можете да го купите кога сакате, а ќе се користи само за посебни концерти, кои ќе бидат од големо значење за културата – вели Пурини.

„Салон 19,19“ е првиот и единствениот камерен простор во Македонија со многубројни солистички рецитали, камерни концерти, и во сопствена продукција: организација на симфониски концерти, издавање носачи на звук…
Тука се одржани повеќе од 2.000 концерти на реномирани македонски, европски и светски музички уметници, како и на наши уметници во Европа и во светот. Меѓу нив позначајни се настапите на Московскиот филхармониски оркестар, Полскиот филхармониски оркестар, гудачкиот оркестар „Антонио Лучио“ од Холандија, Гудачкиот сексет на Минхенската филхармонија, гудачкиот квартет „Бриндизи“ од Велика Британија… како и Стефан Миленковиќ на виолина (САД), Максим Федотов на виолина (Русија), Алберхт Бројнингер на виолина (Германија), Николај Лугански на пијано (Русија), Евгениј Корољов на пијано (Германија), Алексеј Володин на пијано (Русија) и др.

– Со донацијата од Интернационалната фондација за музика и уметност очекуваме уште повеќе да се збогати нашата концертна дејност со премиерни настапи на реномирани музички уметници од Македонија и гостувања на уметници од Европа и пошироко. Концертната активност во КИЦ е многу подобрена откако го реновиравме салонот, но сега со новиот клавир сме многу поконкурентни и попривлечни и атрактивни за еминентни музичари, а особено за пијанисти – вели директорката на КИЦ.
Сето ова ќе придонесе и за збогатување на музичкиот живот во Македонија, за афирмирање вистински музички вредности и создавање едуцирана концертна публика.