Текстот е на Јосиф Бродски, а режијата на Кирил Петрески

„Демократија“ е новата претстава што се подготвува во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Текстот е на рускиот поет, нобеловец и добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, Јосиф Бродски, а режијата е на Кирил Петрески. Тоа е единственото драмско дело на Бродски, пишувано во бурната 1989 година.

– Тоа е време на рушењето на Берлинскиот ѕид, на обединувањето на Германија, на распаѓањето на Варшавскиот пакт и на почетокот на распадот на Советскиот Сојуз. Јосиф Бродски, иако ја пишува драмата во емиграција во САД, каде што заминува прогонет од советскиот комунистички режим во 1971 година, со хируршка прецизност ги опишува состојбите.

Но исто така, благодарение на неговото визионерство, со кое се надарени најдобрите, ова негово драмско дело допира до нашето време со истата „свежина“ и актуелност како да е пишувано вчера – вели режисерот Петрески.

„Демократија“ е политичка гротеска за една измислена земја, за едни измислени ликови, но реални проблеми што се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или Западен Балкан.

Во претставата ќе играат Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓеоргиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски и Димитрина Мицкоска. Сценограф е Зоран Николовски, музиката е на Марјан Неќак, а костимите на Розе Трајчевска.