Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп интензивно се подготвува претставата „Светулки“, по текст од Тена Штивичиќ, во режија на Драгана Милошевски-Попова. Ова е прв проект годинава што го реализира театарот поддржан од Министерството за култура за 2021 година, а премиерата се планира за крајот на јуни. Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на театарот, предводен од првенецот Марјан Чакмакоски.
Текстот третира актуелни прашања што се поврзани со индивидуалната потрага на животниот пат.
Драмата „Светулки“ од хрватската авторка Тена Штивичиќ претставува предизвик за секоја театарска продукција. Протагонистите се заглавени во еден аеродром, на половина пат до својата конечна дестинација, и не можат да го продолжат својот пат поради неочекуваното невреме. Заглавени во таа транзит-зона, тие ги преиспитуваат своите животи, желби, своето минато, тоа за што копнеат и тоа што сакаат да го заборават. Во една навидум едноставна и минлива состојба, тие носат силни одлуки што ќе им ги променат животот и целиот светоглед.

Штивичиќ е една од најпоставуваните хрватски авторки што со својот ненаметлив стил дава искрена слика за тоа како изгледа животот во 21 век, преку призмата на различни секојдневни ликови претставени од неколку различни генерации и социјални профили. Нејзините ликови се луѓето што ги среќаваме насекаде, со кои се разминуваме, со кои разменуваме мислења, со кои се дружиме, со кои го поминуваме нашето време, за сите тие што минуваат низ различни аеродроми за да ја најдат својата конечна дестинација што ќе ги направи среќни – вели режисерката Драгана.
Современиот пристап во сценското прикажување на режисерката Драгана М. Попова филигрански ќе го дополнува дејството, давајќи му суптилност и леснотија во играта. Претставата треба да ја оствари таа интимна врска со публиката преку откривањето на навидум едноставниот секојдневен живот во контраст со тежината што тој ја содржи и ја носи со себе.
Драматурзи се Ивана Нелковска и Лидија Митоска Ѓоргиовска, сценограф е Валентин Светозарев, а костимите се на Розе Трајчевска. Музиката е на композиторката Ирена Топовиќ Драговиќ од Србија.