Изолација со мноштво бесплатни документарци

Загрепски „Рестарт“ нуди избор од 20 документарни филмови од регионот и светот за бесплатно гледање на интернет во следниот период, придружувајќи им се на настојувањата за одржување на јавното здравје во периодот на криза поради пандемијата на коронавирусот. На онлајн-платформата „Волим документарце.нет“ можно е бесплатно да се погледнат дваесет наслови, а следните денови ќе биде достапен онлајн и избор на филмови од репертоарот на „Докукиното КИЦ“, кој ќе биде можно да се гледа по „кризни цени“, а сето тоа за издигнување на квалитетот на културниот живот на филмофилите во време на карантин, но и како начин на одржување на независната култура во живот во овие многу неповолни услови.
Меѓу насловите во понудата за гледање на платформата е и наградуваниот македонски документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов за пчеларката Атиџе и нејзината борба да зачува диви пчели во планинско место, кој го освои светот и беше номиниран дури во две категории за „оскар“, што е еден од најголемите успеси кога било на некој (документарен) филм од овие простори. Благодарение на дистрибуцијата на „Рестарт“, овој фасцинантен увид во современиот однос на човекот кон природата и кревката рамнотежа на нашиот екосистем е достапен и онлајн со минимален надомест (отклучен е само за Хрватска).
Остатокот на богатата онлајн-докуризница на „Рестарт“ е достапен исто така за гледање со минимален надомест. Сметајќи дека пандемијата на вирусот ковид-19 сигурно ќе остави длабока трага на светот во кој живееме, толку што веројатно никогаш нема да биде ист, тие одлучија да им помогнат на сите со оваа акција полесно да ги поднесат мерките на внимателност и изолација, додека чекаме да настапи иднината и заразата да стане минато.

Меѓу 20 бесплатни наслови (за кои треба само да се отчука кодот доку-изолација) е „Селфи“ на италијанскиот режисер Агостин Ферент, кој, откако карабинери убиле 16-годишно момче во неаполскиот кварт Траиано, им ги дал на двајцата најдобри пријатели мобилниот телефон и микрофонот со упатство како да го снимаат сопствениот живот како селфи-филм, што тие неуморно и го правеле.
Во филмот „Слава на курвите“ режисерот Михаел Главогер донесува приказна за проститутките и сексуалните работнички во Тајланд, Бангладеш и Мексико, и тоа без сензационализам, лажна патетика и осуди. Во биографскиот филм „Грејс Џоунс: лајтшоу и леб“ режисерката Софи Фајнс донесува нов поглед на „кралицата на диското“, додека „Човек делфин“ на Лефтерис Каритос ги открива приказната и наследството на Жак Мајол, легендарниот нуркач на здив чиј живот му беше инспирација на Лик Бесон за филмот „Големото синило“. Бесплатни се и двата хрватски филмови: „Блокада“ на Игор Бежиновиќ и документарниот хит „Гангстерот те сака“ на Небојша Сљепчевиќ. Бесплатно се достапни и филмовите: „Не оставај ме“, „Секојдневна побуна“, „Попатна станица“, „Слика што недостига“, „Ова менува сѐ“, „На море“, „Бесконечен фудбал“, „Браќа“, „Последен во Алепо“, „Без наслов“, „Наркокултура“, „Уметник на одмор“, „Независна листа на опортунисти“ и „Ана плоштад“.

Меѓу креативните и ангажирани документарци од онлајн-видеотеката на „Рестарт“ се и филмови што на различни начини сведочат за важни теми на нашето време, било да го бележат или деконструираат секојдневието или разгледуваат и предупредуваат на одредени феномени. Меѓу нив се истакнуваат и наградуваните филмови на хрватските документаристи „Србенка“ на Небојша Сљепчевиќ и „На вода“ на Горан Девиќ, додека најновиот филм на познатиот руски режисер Витали Мански, „Путиновите сведоци“, со своите досега невидени материјали е драгоцен прилог во расветлување на механизмите што стојат зад доаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин на власт.
„Бергман: една година, еден живот“ на режисерката Џејн Магнусон е филм за животот на „најголемиот Швеѓанец на сите времиња“, неверојатно продуктивниот режисер Ингмар Бергман, а создаден е по повод стогодишнината од неговото раѓање. Тие филмови се достапни со надомест од 3 долари за стриминг во рок од 48 часа, односно за 6 долари за симнување и гледање кога било. Достапноста на одделни филмови не е територијално иста, односно некои се достапни само во Хрватска, некои се отклучени за целиот регион, а некои за светот. Секој наслов има ознака во врска со достапноста. К.Б