Во галеријата „Остен“ може да се види првата изложба од годинашното остеновото Биенале на цртеж со делата на добитниците на главните награди Пјер Сулаж, добитник на гран при за животно остварување, и на Хенри Мур, кој постхумно е добитник на наградата Светско културно наследство. Исто така изложени се и фотографии од францускиот фотограф Рено Рулман на кои може да се погледне и чинот на врачување на наградата на Пјер Сулаж во неговиот дом во Сет, Франција. Наградата е статуетка од Петар Хаџи Бошков, која и му ја врачија претставниците на „Остен – уметност на хартија“.

Со ова и официјално почнаа тримесечните настани поврзани со одбележувањето на 50-годишнината од престижната „Светска галерија на карикатури“ и на одржувањето на Биеналето на цртеж. Селектираните дела од годинашното биенале ќе бидат презентирани на изложба, која на 22 ноември ќе биде отворена во „Чифте-амам“ при Националната галерија на Македонија кога ќе биде отворена и документарната изложба „Светска галерија на карикатури (1969 – 2019) и ќе бидат доделени и награди на наградените карикатуристи на годинашното 50-то издание на Светската галерија на карикатури како и признанија за учесниците на двете манифестации. Планирани се и промоции на публикации од издавачката дејност на „Остен“, а некои од содржините ќе се одвиваат и во ЕУ-инфоцентарот.

Годинашното интернационалното жири за Биеналето на цртеж го сочинуваа: Манос Стефанидис од Грција, Соња Абаџиева од Македонија и Мелани Зеферино од Обединето Кралство/Италија, а за учество пристигнале пријави од 868 автори од 61 земја од светот и 2.317 дела. Доделени се и две посебни награди гран при, на Родољуб Анастасов за извонредни уметнички достигнувања и на Пасквале Целона од Италија за придонес во светската уметност. Добитници на првите награди на биеналето се Себастијан Лубински од Полска за цртеж, Олга Тобрелуц од Русија за графика, Барбара Крол од Германија за сликарство на хартија, Петре Николоски од Обединетото Кралство за оригинално дело од хартија и Агњешка Јанкиевич од Полска.

Во соработка со Светската асоцијација на визуелни уметности се доделени наградите „уметник на светот“ на Франко Векиет од Италија и рамноправни три награди „млад балкански уметник“ на Тијана Којиќ од Србија, Трајана Панајотова од Бугарија и Кристина Ѕани од Грција. Наградата „остен“ им е доделена на Босук Ли од Јужна Кореја, на Милан Андов од Македонија, Харис Кондосфирис од Грција, Ангел Паневски од Германија и на Јулио Гарај Теразас од Перу. Добитник на наградата за легат е Невзат Бејтули Кица од Македонија.