Во рамките на проектот „Читај ја Македонија!”, поддржан од Министерството за култура на РМ, во организација на Олга Панкина, на 19 април во Москва, во Државната установа Московски дом на националностите, ќе биде одржана тркалезна маса на која ќе учествуваат писатели, преведувачи, истражувачи на литературата, издавачи, професори и студенти кои изучуваат словенски јазици.

Во програмата предвиден е разговор на тема „Книжевниот превод како мост меѓу културите“ а потоа ќе биде презентиран портрет на академик Милан Ѓурчинов, историчар на литературата, критичар и антологичар, познавач и толкувач на руската литература, по повод 90-годишнината од неговото раѓање. Важен сегмент во програмата на оваа манифестација ќе биде претставување на најновите преводи на руски на делата од македонски писатели објавени од издавачките куќи Центар за книга „Рудомино“, „У Никитских ворот”, „Центрполиграф”, Институт за славистика на РАН, како и во списаниjата „Иностранаја литература”, „Великорос”, „Сегашно време” (Настоящее время), „Пливачки мост” (Плавучий мост).

На 23 април во соработка со Центарот за словенски култури во Серуската државна библиотека за странска литература ќе се одржи Ден на македонската книга на руски. Ќе биде отворена изложба на книги од македонските автори (на македонски и во превод на руски). Предвиден е и разговор со писателката Лидија Димковска.