Благодарение на оваа навика, исландската литературна сцена е особено динамична. Книгата таму е најголем подарок. Во просек на 1.000 жители се објавуваат по пет книги. Исланд, народ од писатели, по ова е првак во светот. Така, за Исланд важи дека една половина од жителите го чита она што другата половина ќе го напише

Светски медиуми прават (Би-би-си, Ал џезеира) интересна анализа на културата на купување, подарување и читање книги на Исланд, а ја поврзуваат со климатските и географски услови на овој мал остров среде Северноатлантски Океан каде што просечната температура во зима е околу нула, или малку под нулата, а во остатокот од годината меѓу 10 и 15 степени. Се вели дека Исланѓаните за време на Втората светска војна стекнале навика во зима да читаат. Среде тогашниот општ мрак во остатокот на Европа, увозот во Исланд бил ограничен. Така настанал терминот „јолабокафлод“ или преведено „поплава од книги“.

Легендата вели дека на оваа земја-остров отсекогаш се читало. Жителите се горди на исландските саги за викинзите, кои ги забележувале анонимни автори. Во модерниот речник тоа се нарекува нордиска митологија, која потекнува од 9 век.

Некаде од октомври секоја година во Исланд почнува масовно купување книги, регистрирани во каталог што се дистрибуира во сите поштенски сандачиња во земјата.

Во изданието на каталогот, на пример за 2018 година на 84 страници, се претставени 800 книги. Според официјални податоци од 2019 година, во Исланд живеат околу 337 илјади жители. Или тоа се приближно 84.500 поштенски сандачиња. Седумдесет отсто од книгите се продаваат во периодот пред предбожиќните празници. Обичај е да се подаруваат книги во период од годината кога цели 20 часа од денот е мрак.

Благодарение на оваа навика, исландската литературна сцена е особено динамична.

Книгата таму е најголем подарок. Во просек на 1.000 жители се објавуваат по пет книги. Исланд, народ од писатели, по ова е првак во светот. Така, на Исланд важи дека една половина од жителите го чита она што другата половина ќе го напише. Ова е трета земја на светот по бројот на описменети жители.

Велат дека во Исланд просечен Исланѓанец е разочаран ако за Божиќ не добие книга на подарок, на Бадник семејството вообичено се собира, се вечера, се отвораат подароците и ноќта се поминува во читање. Оние што се плашат дека би можеле да останат без книга за празниците не чекаат да ја добијат на подарок туку претходно си ја купуваат.

Исландската народна поговорка вели: „Подобро без чевли, отколку без книги“.
Кристјан Б. Јонасон, претседател ан Здружението на исландските издавачи, овој феномен на читање го нарекува „’рбет на издавачката индустрија на Исланд“. На островот секој десетти жител во животот – напишал или објавил (барем) една книга.

„Поплавата од книги“ придонесува за пренесување на оваа навика за читање кај децата. Во тиражи од 1.000 примероци се објавуваат голем број детски книги, па децата под елката обично затекнуваат по неколку. И покрај тоа, еден официјален податок вели дека, на пример, во 2011 година во градските библиотеки биле позајмени повеќе од милион книги.

Исто така и покрај трендот на електронски книги, во Исланд повеќе ги сакаат старите, хартиени.