На изложбата во ликовниот салон во Велес се претставени 28 принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори за дрворези од 17 и 18 век, а ја организира Музејот на град Скопје во соработка со Народниот музеј од Велес и Јапонската амбасада во Скопје.

Промоторот на изложбата Анита Василкова-Мидоска, директор на велешкиот Народен музеј, посочи дека изложбата е концепциско дело на кураторот Јасмина Намичева која од оправдани причини не дојде во Велес.Таа преку проектот  „Museum Link“  во што се вмрежени 27 институции од културата ја  претставува  оваа патувачка изложба низ земјава носејќи го во себе духот на времето и стремежот уметноста во своја космополитска компонента да допре до поголемата публика.

– Овие дела се омаж на убавината на месечината, црешовите дрвја и јаворовиот лист, потоа птиците, цвеќињата и идиличните пејсажи. Делата го отсликуваат креативниот дух на натпреварот за превласт меѓу трговската класа и самураите во сферата на елеганцијата и рафинираниот вкус. Овој жанр не запира само во претставувањето на убавината на природата, напротив тој пред нас го носи богатиот свет на кабуки театарот, сензуалноста и рафинираноста на куртизаните и жените кои под раскошните облеки кријат здраво и силно тело исполнето со визуелни тактилни и софистицирани импресии, односно жена која зрачи живот и енергија, појасни Василкова Мидоска.

Таа информира дека според техниката на изведбата на графиките, односно печатењето на дебели слоеви боја врз хартија, овие цртежи биле нарекувани „nishiki“ или „брокатни слики“, бидејќи наликувале на најквалитетната брокатна свила.

– Овие слики го менуваат и правецот на уметноста и ги создаваат основите на современата уметност, на уметноста што ја имаме и денеска, рече Василкова-Мидоска.