Албумот „Македонисимо“, со изведби на пијанистот Симон Трпчески, ќе биде објавен на 28 август, соопшти престижната британска етикета „Лин рекордс“, најавувајќи го излегувањето на материјалот со синглот „Не си го продавај, Кољо, чифликот“ (Омаж за Брамс). Според Трпчески, албумот прикажува фузија на фолк и класична музика, што ги дефинира неверојатните ритми и прогонувачки мелодии на неговата татковина Македонија.
Композитор е Панде Шахов, а во изведбата учествуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Светската премиера на проектот се случи на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија, во мај 2017 година. Веста за новиот креативен подвиг на својот ексклузивец ја сподели и концертната агенција „КД Шмид“ од Германија.