Режисерката Јасмила Жбаниќ за филмот „Кво вадис, Аида“

Шокантниот филм за настаните во Сребреница во 1995 година „Кво Вадис, Аида?“ на режисерката Јасмила Жбаниќ, по премиерата во Меморијалниот центар во Поточари, која ја проследиле семејства на жртвите од геноцидот, но и млади луѓе од целиот регион, тргна на своето со пандемија ограничено патување, кон гледачите во регионот и во странство. Дејството на босанско-херцеговскиот кандидат за „оскар“, кој светската премиера ја имаше во натпреварувачката категорија на Филмскиот фестивал во Венеција, се случува во Босна во јули 1995 година. Во главните улоги се: Јасна Ѓуричиќ, Изудин Бајровиќ, Борис Лер, Дино Бајровиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ и Борис Исаковиќ, а сценариото и режијата ги потпишува Јасмила Жбаниќ, која неодамна даде интервју за хрватски „Вечерњи лист“.
– Првите договори беа пред повеќе од пет години. Буџетот на филмот е повеќе од четири милиони евра и знаевме дека нема да биде лесно да се најдат тие пари. Филмот продукциски има многу барања, бидејќи станува збор за воен филм, за историски период. Имавме вкупно шест илјади статисти – што е секој ден по двесте до петстотини статисти на сет во исклучително тешки услови за работа. Снимавме во Херцеговина, каде што температурата достигнуваше и до четириесет и пет степени. Секојдневно имаше десетина интервенции на брза помош, но сѐ добро се заврши. Имаше и многу политички блокади. Во март, кога бевме затворени поради коронавирусот, Дамир Ибрахимовиќ, продуцентот, и јас имавме време да се сетиме низ што сѐ поминавме и ја напишавме хронологијата на настаните од идејата до денес. Имаме некои сто страници материјал што говори во какво лудо време и општествени околности сме работеле на овој филм – вели режисерката.

Истражувањето за филмот, со оглед на невиденото количество на мака и на сѐ уште опипливата траума на преживеаните од Сребреница, било долго и емотивно.
– Плачев на секое сведочење, а прочитав илјадници. Разговарав со многу луѓе, што сведоци, што стручни лица што се занимаваа со настаните во Сребреница. По пишувањето, со денови знаев да бидам „растурена“, а тоа траеше со години. Секоја емоција ја провлекував низ себе – што ме менуваше како личност. Се разбира, секогаш бев свесна за одговорноста поради темата, мртвите и живите сребреничани, но и за одговорностите што ги имам кон публиката, филмската уметност и кон себе. Не правев компромиси, што беше најтешко – вели Жбаниќ за хрватскиот весник.
Интересно е како таа успеала да снимите филм за страдањето на повеќе од околу осум илјади луѓе без прикажување на самото масовно убиство. Одлуката, како што вели, била втемелена на нејзиниот однос кон војната и сликите од војната.
– Кога гледам воени филмови, често можам да видам како режисерот ужива во спектаклот на убивањето. Војната за мене не е куп набилдани мажи што победуваат, туку куп бедници што убиле жена од грб, оставајќи ја на домашниот праг. Војната е платформа за социопати и психопати. Ним таа состојба најмногу им одговара, а за мене е само баналност на злото. Така и ја прикажав – вели Жбаниќ.
Според неа, во БиХ сѐ уште постојат луѓе што ги негираат геноцидите.

Градоначалникот на Сребреница е еден од тие настани. Сребреница веројатно е најсилниот и најтешкиот симбол на страдањето на Бошњаците во оваа војна. За тоа дали постоел страв дека прикажувањето на ова злосторство би можело да предизвика нов бран на омраза, режисерката вели дека, напротив, филмот е правен да овозможи емпатија и љубов.
– Она поради што беше прифатен во Венеција, Торонто и на другите фестивали и поради што сакаат да го дистрибуираат многу земји е фактот дека луѓето во филмот може да се видат себеси. Може да видат што може да се случи кога институциите што треба да нѐ штитат не ја работат својата работа. Филмот го прикажавме во меморијалниот центар „Сребреница“ најпрвин за младите луѓе од цела БиХ, Србија и Хрватска. Порачавме дека младите луѓе немаат ништо со злоделата што ги направиле претходните генерации, дека треба да знаат за нив, да не ги кријат, туку да се соочат со фактите и да не прифаќаат чиј било наратив, особено оној што на нив ги става гревовите на татковците. Младите луѓе мора да се еманципираат oд историјата, како и од сѐо друго што ги држи заробени – вели режисерката.
Таа додава дека нашите општества се темелат на насилство, дека насилството е генеративна сила на која се градат идентитети.

– Постои една одлична книга на Макс Берголц за тоа. Патријархалниот наратив што опстојува со децении нѐ држи во состојба на судир и тензии. Јас верувам дека можеме да се ослободиме раскажувајќи приказни на вистински начин, осветлувајќи ги митовите во кои живееме, а кои се лажни и празни и кои ѝ служат на владејачката структура да нѐ држи како заложници на минатото. На сите нас ни требаат нови приказни што кореспондираат со сегашноста и се насочени кон иднината, која е комплицирана, но, се надевам, ослободена од насилства и злосторства – заклучува Жбаниќ во интервјуто.