Оваа приказна е омаж за композиторите учесници во Првата светска војна, во деновите кога се одбележува 100-годишнината од нејзиниот крај.
Од 1915 до 1918 година, Албан Берг (1885-1935) се борел на страната на австро-унгарската војска. За време на отсуството во 1917-та ја пишувал операта „Воцек“, во која ги опишал стравотиите на војната. Сопственото искуство го искористил за да ги опее траумите што војникот Воцек ги носел од фронтот.

Виолинистот и композитор Фриц Крајслер (1875-1962) се борел во Четвртиот баталјон на австриската војска. Својот извонреден слух го искористил на невообичаен начин – можел да ги одреди типот и траекторијата на проектилите додека сѐ уште биле во воздух. За жал или за среќа, само по еден месец на фронтот, бил ранет од руските сили, па бил испратен дома. И покрај повредата, продолжил да свири и да компонира.
Морис Равел (1875-1937) сакал да служи во воената авијација, но бил веќе малку стар и не во најдобра здравствена состојба, па, наместо пилот, станал возач на камион со медицинска опрема. Војната длабоко се одразила врз неговата психа, па голем дел од почнатите и замислените проекти не успеал да реализира. Сепак, во годините на војната ја напишал пијано-свитата „Гробот на Купрен“, композиција во традиционален барокен стил. Секој од ставовите е посветен на споменот на пријател што загинал во војната.

Ралф Вон Вилијамс (1872-1958) е уште еден композитор чиј творечки пат бил прекинат од војната. Инспирацијата за Третата симфонија ја добил на фронтот, каде што служел во Кралската војска, а по враќањето дома го довршил своето ремек-дело „Возлетот на чучурлигата“, започнато во 1914-та според поемата на Џорџ Мередит. Замислено како пасторала, по војната добива нова димензија, во чија длабочина се вткаени ужасите на војната.

Непосредно пред Првата светска војна, Густав Холст (1874-1934) веќе го имал напишано своето капитално дело „Планети“ во кое, по некоја чудна случајност, првиот став е Марс – весникот на војната. И покрај огромната желба да волонтира, Холст бил одбиен од британската војска поради возраста и поради исклучително лошиот вид. Се чувствувал фрустрирано, па барал начин да даде свој придонес. Шансата ја добил на крајот на војната, кога бил распределен во Солун, каде што организирал концерти и часови по музика за војниците што чекале демобилизација. По враќањето дома, ја напишал „Одата на смртта“, инспирирана од поемата на Волт Витман, во која ги опишал бруталноста и залудноста на смртта на знајните и незнајните јунаци на Првата светска војна.

Лада Шоптрајанова Петровска