Во амбиент на еуфорично расположение и креативна понесеност, по церемонијалниот дел од поздравните говори на отворањето на фестивалот „Охридско лето“, спектакуларно се одгласија оперските асови од Романија, сопранистката Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и темпераментниот маестро Николае Молдавиану. Тие во придружба на Македонската филхармонија реализираа спектакуларен концерт, кој би можеле да го прогласиме за еден од најуспешните почетоци во 58-годишната историја на оваа култна интернационална манифестација, иако главен конкурент ѝ беше Џеси Норман, недостижната црнечка оперска дива од небесните височини.

Отворањето на фестивалот се одвиваше во амбиент на понесеност, проследено со воздишки од големата возбуда од елитниот артизам на солистите. Огромниот концертен аудиториум во Античкиот театар го излеваше заедничкиот восхит од врвното музицирање на изведувачите, чија атрактивна програма личеше на канонада од најубавите и најпопуларни оперски арии од железниот репертоар на Верди, Росини, Пучини, Белини и други великани. Концертниот аудиториум со растреперени емотивни бранувања го следеше блескавиот чин на маестралната сопранска колоратура на Елена Мошуц, чиј сензибилен израз и интимна исповед можеа да се доживеат како посебна убавина. Пееше со прекрасен милозвучен тембр и завидна волуменозност, со прекрасен глас и става и блескава вокација, која ги обзема сите ресурси на духот што водат кон перфекција на возвишената романтична оперска естетика. Обдарена со раскошни гласовни квалитети, беше крајно сугестивна во маестралното музицирање и сензибилниот израз кога пееше соло или во дует со многу кулминативни нумери, а една од највпечатливите беше импресивната изведба на прочуената „Каста дива“ од Белиниевата „Норма“.

Впечатлив беше и настапот на Калин Братеску, неговата завидна волуменозност на прекрасната белкантистичка вокација, со која длабоко се нурнуваше во интимата на оперските ликови, а најуспешна нумера, со која кулминира и ја освои публиката, беше прекрасната изведба од операта „Турандот“ од Пучини, за која доби најдолги аплаузи. Харизматичната Елена Мошуц не го засени во ниеден момент, бидејќи Братеску исто така поседува респектабилни доблести на голем оперски уметник.
За големиот успех на ова спектакуларно отворање на „Охридско лето“ значајно признание заслужува и Македонската филхармонија, чија возвишена проекција во највисоките креативни стандарди блескаше како никогаш досега, создавајќи совршен амбиентален простор за глобалната проекција на концертниот репертоар. Изведбата беше флуидна и атрактивна, со спектакуларни димензии, особено кога темпераментниот и витален маестро Молдавиану уверливо ја истакна стилската естетика на оперските великани, па следуваа неколку биса, со кои оперските пејачи достоинствено ја испочитуваа восхитената публика. Посебен момент беше кога Елена Мошуц, со прекрасна дикција на македонски јазик, ја отпеа песната „Македонско девојче“, по што следуваше спектакуларен огномет на охридското небо, што го означи почетокот на годинашното „Охридско лето“.

Костадин Костадиновски