Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Вон жариштето“ од италијанската авторка Кјара Карминати. Делото на македонски јазик го преведе Калина Јанева, а е објавено со поддршка на Министерството за култура и на ЕУ во програмата „Креативна Европа“. Првата промоција на делото ќе биде во официјалната програма на Промотивниот центар на Саемот на книгата во Скопје денеска.
Дејството на романот се одвива во Првата светска (Големата) војна од 1914 до 1918 година на северот на Италија, порано дел на Австро-Унгарија, а приказната е за една фамилија раскажана од едно весело, младо девојче. Тринаесет раскажани слики, формираат нарација базирана на дневници, сведоштва, извештаи и документи.
Кјара Карминати дипломирала современа книжевност на Универзитетот во Трст, а на постдипломски студии била во Франција. Добитничка е на многубројни книжевни награди, меѓу кои и наградата „Андерсен“ за најдобра авторка за 2012 година. За романот „Вон жариштето“ (2014) ги има освоено наградата „Обрил“ (2015) на Здружението на независни детски библиотеки, наградата „Алваро-Биџарети“ (2015), наградата за литература за деца „Лаура Орвието“ (2013-2015), како и наградата „Стрега“ (2016) за деца.