Моќниот глас на мецосопранистката Викена Каменица од Република Албанија и звуците на пијаното произведени под вештите раце на познатата албанска пијанистка Мерита Реџа Тершана, вчеравечер ја исполнија внатрешноста на црквата „Света Софија“ .

Концертот на албанските уметници се одржа во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Оперската дива Викена Каменица ја воодушеви публиката со својот импресивен глас, но и со сценскиот настап на подиумот во катедралната црква со што уште еднаш го потврди епитетот што го носи, оперска дива со глас што ги воодушевува слушателите.

– Почестена сум што бев гостин на јубилејот на овој прекрасен фестивал. Ми беше чест што гостував заедно со мојата пријателка бидејќи заедно работиме веќе 20 години, и се знаеме многу добро. Токму затоа ни е многу лесно кога сме дует и кога работиме заедно. Публиката на концертот беше одлична. Мило ми е што го прифатија и уживаа во нашиот репертоар кој беше разнобоен со многу различни композитори – изјави мецосопранот Каменица.

Пијанистката Мерита Реџа -Тершана која критиката, публиката и медиумите ја сметаат за една од најактивните уметници на албанската територија, и минатата година ја почести публиката со својот настап одржувајќи концерт заедно со флејтистката Јонела Големи.

– Не сум гостин првпат, имам гостувано на фестивалот и порано, но секојпат е возбудливо да се настапи овде. Охрид има прекрасен фестивал и одлична публика, така што ми беше чест да настапам повторно. Во ова време е многу тешко да се прави музика и да се реализираат концерти поради вирусот ковид-19, но вашата организација е одлична и е за голема пофалба, така како што наликува на јубилејните 60 години постоење – рече Реџа Тершана.

Возбудливото музичко патување започна со „Матината“ од Леонкавало, продолжи со Шубертовите композиции „Крај потокот“ од циклусот „Зимско патување“ и „Липа“, а продолжи со ариите „Ханабера“ и Сегедеија“ од операта Кармен на Бизе. На репертоарот беа и дела од Албениц, Сен-Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл и Гершвин.Извонредната интерпретација на Каменица во пријано придружба на Реџа –Тершана беше заокружено со албанските композиции „Мој убав цвету“ од Мула и „Маргело“ од композиторот Јакова.

Публиката која, како и сите претходни фестивалски вечери максимално ги испочитува протоколите за посета на настани од ваков тип, уживаше час и половина во прекрасниот концерт и ги награди двете уметници со бурни и долги овации.

До крајот на годинешното 60-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ , на програмата ќе се одржат уште три музички настани. Вечерва концерт ќе одржат италијанските уметници Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Утревечер ќе настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Србија, а годинешната музичка програма ќе ја затвори познатата македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска со концертот насловен „Музички пријателства“ и нејзините гости на вечерта, гитаристот Влатко Стефановски, флејтистот Страшо Темков, како и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска.