Книгата „Јас и аутизмот“ на Аниса Ејуп Беќировиќ-Трпчевска, чиј поднаслов е „Водич за преживување за родители на деца со аутизам и посебни потреби“, ја имаше својата онлајн премиера. Беќировиќ-Трпчевска, како мајка на син со аутизам, ги споделува своите искуства и ги посочува начините за среќно и успешно воспитување, чија основна цел е безгранична поддршка низ целокупниот живот на детето.
– Аутизмот како состојба на умот се карактеризира со широк спектар на различности. Никогаш нема да сретнете две личности со ист аутизам. Високофункционалниот аутизам, во чиј спектар спаѓа и Аспергеровиот синдром, имаат малку полесно секојдневие. Овие лица развиваат говор, поседуваат вештини за самостојно живеење и притоа се исклучително интелигентни и насочени кон една работа во која се беспрекорни. За разлика од нив, нискофункционалниот аутизам не развива говор, при што е можна ехолалија (бесмислено повторување на делови од реченица или цели реченици) или, пак, неразбирливо говорење. Овие лица не развиваат вештини за самостојно живеење и имаат потреба од поддршка низ целиот живот. Сево ова влијае на целокупното семејство, кое неминовно ја губи карактеристиката на типично семејство. Оваа книга е универзален модел за општиот живот на родителите на деца со посебни потреби, но се темели на моите лично преживеани ситуации со нискофункционален аутизам – вели Беќировиќ-Трпчевска.
Книгата е во издание на „Арс либрис“.