Со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, што ќе се одржи утре на Античкиот театар со почеток во 21 часот, ќе биде одбележан 59-тиот роденден на „Охридско лето“.

Директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција истакна дека е огромна честа да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание и потсети дека многу луѓе оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ низ годините наназад.

– Повеќе од половина век оваа наша најголема музичко сценска манифестација зад себе испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Секоја година 40-те фестивалски денови се празник на уметноста. Охридско лето носи околу илјада уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од сите земји во светот. Над 20 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани. Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија – рече директорката Поповиќ.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов, истакна дека фестивалот претставува големо достоинство и исклучителчна културна придобивка за Охрид и Република Македонија и како што рече, со долгата традиција од 59 години, остварува универзална и благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности.

– Утре, 4 август, на роденденот на фестивалот, ќе имаме чест да ги слушнеме големите светски имиња, виртуози на гитара, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. До крајот на ова 59-то фестивалско издание остануваат уште 14 фестивалски вечери во музичкиот дел. Како и лани, и оваа година, музичкиот дел на 19 август го затвораме со македонски автор, професорот Томислав Зографски, одбележувајќи 85 години од неговото раѓање на кој ќе настапат македонски докажани солисти – истакна Ристов.