„Нова Година – нов почеток!“ е насловен последниот концерт на Филхармонијата за 2020 година, кој ќе се одржи вечерва, во 20 часот. Станува збор за несекојдневен концерт, кој во една вечер ќе ги спои традицијата, класиката и џезот.
Концертот се реализира во соработка со ЗЏМ, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.
Новата сезона на Филхармонијата, 2020-2021, која симболично е насловена „Звук на два метри“, се отвори на 3 септември, а до крајот на месецов беа реализирани 16 концерти во редовна програма и во Камерната сала. Филхармонијата беше прва институција од областа на културата што изработи специјални протоколи за реализација на концерти во посебните услови што ги налага пандемијата на ковид-19.
– Оваа неубава година за сите, Филхармонијата ја завршува со прекрасен новогодишен концерт, кој го насловивме „Нова година – нов почеток“, со надеж дека навистина ќе почнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи.

Традиционалниот концерт за новогодишните празници и овој пат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради. Животот не би имал смисла без музика, затоа и Филхармонијата не престана да работи од самиот почеток на новата сезона. Одржавме голем број концерти, симфониски, камерни, рецитали, сите организирани под најстроги критериуми, но сите до еден со одлична реакција од страна на музичката јавност – вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.
Таа најавува во наредната сезона уште многу настани со врвни диригенти и солисти и навистина импресивна програма.
– Сите концерти може да се проследат и онлајн, што е позитивна практика во вакво време, а на која нашата публика веќе се навикна. Здравјето е најбитно, а тоа се чува и со консумирање квалитетна музика – вели Иванова.