„Казимир и Каролина“ од Еден фон Хорват, во режија на Нела Витошевиќ, е претставата што се подготвува во театарот „Војдан Чернодрински“. Во наредните недели ќе се реализираат читачките проби, а ќе се продолжи поинтензивно на почетокот на септември. Премиерата ќе биде на почетокот на октомври.

– Автор на текстот е Германец, еден од основоположниците на модерната драма Еден фон Хорват. Напишан е во 1932 година и првпат се поставува во Македонија. Проектот ќе се занимава со скршените соништа, кои некако до некоја возраст сме ги негувале. Подоцна, кога ќе се срушат соништата, животот продолжува по инерција. Претставата ќе прозбори за тоа колку љубовта во денешно време е условена од економскиот аспект и дали сме во трка по пари. Ова е моја трета соработка со прилепскиот театар – вели режисерката Витошевиќ.

Ќе играат: Катерина Ч. Клинческа, Никола Настоски, Наташа Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска и др. Сценограф е Константин Трпеноски, автор на музиката Огнен Анастасоски и костимографка Розе Трајческа.
– Многу се радувам на соработката со Нела, која знае да работи со актери. Текстот е интересен и, на прво читање, го прочитав во еден здив. Доста е актуелен и во денешно време. Има „крв и месо,“ односно доста материјал. Мислам дека ќе биде одличен проект – вели Катерина Клинческа.
Витошевиќ во театарот „Војдан Чернодрински“ ги режираше „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“.