Витали Мански, режисерот што им се спротивстави на најмоќните светски лидери, оваа година е претседател на жирито на „Киненова“. Кога станува збор за современата документаристика, во свет во кој социјалните мрежи одиграа главна улога во револуционерната „арапска пролет“, многу е тешко за еден филмаџија да најде автентична приказна, која веќе медиумски не е преџвакана. Ова особено се однесува за јавните личности, вклучувајќи ги и светските лидери, за чија медиумски коректна слика се грижат еден куп луѓе во заднина. Тогаш, како да се навлезе подлабоко во една приказна и да се претстави пред публиката, откривајќи нешто што досега таа не го видела?

Витали Мански, едноставно, ѕирна во својата домашна архива и на светот му „подари“ неверојатно документаристичко дело во кое ја следиме вистинската историска приказна за подемот на Владимир Путин, кој од нигде-никаде одеднаш ја презема големата Русија под свое. Личниот соработник на поранешниот агент на КГБ одблизу имал можност да биде сведок на сите случувања околу новиот „месија“, честопати документирајќи ги и домашните случувања на кои присуствувале најблиските луѓе на новиот претседател. Но по одредено време, откако од доволна дистанца Мански го погледнал сиот тој материјал, со поинаков пристап и побистар поглед, спакуван во документарен филм, истиот тој праќал сосема нова слика за семоќниот лидер.

Како увертира пред ова генијално доку-сведоштво, авторот пред три години го реализира исто така контроверзниот и освестувачки документарен филм за Северна Кореја насловен „Под сонцето“. Мански, по покана од Ким Јонг-ил, одреден период престојувал во таа држава за да сними филм според строго контролирано сценарио за едно семејство во исчекување на роденденот на лидерот, но рускиот автор не секогаш ја гасел камерата кога ќе се викнело „стоп!“. Поради сево ова, Мански со сопругата токму од 2015 година живее во самоегзил во Латвија, честопати во интервјуата истакнувајќи дека по вакви слободоумни остварувања, тие се плашат за сигурноста во својот понатамошен живот.

„Путиновите сведоци“, остварувањето што минатата година беше прогласено за најдобар документарен филм на престижниот фестивал во Карлови Вари, домашната публика ексклузивно ќе може да го види во рамките на „Киненова“, во присуство на авторот.