Фондацијата „Клод Моне“ нуди виртуелна тура низ пастелнорозовата куќа на импресионистичкиот уметник и нејзините градини. Многу од неговите најпознати дела, вклучувајќи ги и неговите 250 слики со лилјани, Моне создал во нормандското село Живерни. Сега можете од удобноста на вашиот дом да ги истражувате неговото ателје и живеалиште и сите оние светски познати цветни градини.

Сликарот живеел во оваа напуштена фарма со својата втора сопруга и нивните осум деца, од 1883 година до неговата смрт во 1926 година. Полека ја претвориле во живописен пастелнорозов замок, центриран околу водната градина во јапонски стил, со свиен зелен мост.

Целиот имот беше отворен за јавноста во 1980-тите, а сега привлекува повеќе од половина милион посетители годишно. Секако, сега, поради пандемијата не сте во можност да го посетите, но одличната виртуелна тура на фондацијата ќе ве прошета низ секоја просторија на домот на Моне, вклучувајќи ги и неговото прво студио, спалните соби на семејството и салоните, кои ја прикажуваат огромната колекција јапонски принтови на уметникот.