И четири филма од фестивалот „Мобил“ се натпреваруваа во официјалната селекција на натпреварот за кратки филмови на Иницијативата за светски мир и толеранција, чија гала-вечер се одржа во рамките на онлајн верзијата на Филмскиот маркет

Канскиот филмски фестивал, чие годинашно издание поради пандемијата е откажано, на 22 јуни ја отвори онлајн Филмскиот маркет, кој веќе собра повеќе од 8.500 учесници, а опфаќа 250 штанда и 60 павилјони. За поддршка на интернационалната филмска индустрија и нејзините професионалци низ светот, Канскиот маркет понуди повеќе од 12.000 онлајн проекции за учесниците, како и можност за купување на правата за повеќе од 2.300 играни филмови. Опфати и повеќе од 150 виртуелни панел-дискусии, разговори и тркалезни маси, како и ексклузивни концерти на филмска музика.
Несекојдневната верзија на Филмскиот маркет, според организаторите, е дизајнирана во согласност со традиционалните искуства на канскиот маркет, кој ги собира и ги спојува продуцентите, купувачите и дистрибутерите од целиот свет.

И покрај тоа што организаторите одбија да го одржат најпрестижниот филмски фестивал онлајн, тие ја објавија селекцијата од 56 филма што беа планирани да се прикажат, а кои кинопубликата ќе ги види до крајот на оваа година. Меѓу нив се новите филмски остварувања на режисерите Вес Андерсон, Стив Меквин, Франсоа Озон, Наоми Кавазе и уште десетина автори, кои барем еднаш биле во официјалната селекција на Кан, а се одбрани во програмата за ветерани. Програмата на авторите што првпат учествуваат има 14 филма, а селекцијата опфати и 15 дебитантски филмови, како омнибус за Хонгконг, три документарци, пет комедии и четири анимирани филмови. Сите одбрани филмови го имаат печатот на Кан, односно одобрување за прикажување во киносалите и на други фестивали.
И четири филма од фестивалот „Мобил“ се натпреваруваа во официјална селекција на натпреварот за кратки филмови на Иницијативата за светски мир и толеранција, чија гала-вечер се одржа во рамките на онлајн верзијата на Филмскиот маркет.

Тие се натпреваруваа за „Карл Бартош“, хуманитарната награда за филмови снимени на мобилен, кои се фокусираат конкретно на хуманитарни теми. Наградата лани се доделуваше на Американскиот павилјон, а годинава поради кризата Филмскиот маркет во Кан се одржа исклучиво онлајн од 22 до 26 јуни.
Четирите филма од фестивалот „Мобил“, кои беа дел од најдобрите 15 филма селектирани годинава од жирито и беа дел од гала-вечерта се: „Сладолед и слобода“ од Нено Белчев, „Лајк енд фолоу“ од Форест Шлаге, „Тишината е смртоносна“ од Бруно Венецијано и „Мис Дејт“ од Анке Сабрина Берман и од Нина Ејмер Фокс.
Настанот го организира непрофитната организација „Новата генерација во акција“, признаена со посебен консултативен статус од страна на Обединетите нации. Таа ја користи разновидноста на медиумските платформи за да промовира почит и достоинство без оглед на полот, расата, етничката припадност или религијата.

Со својата Иницијатива за светски мир, организацијата го избра филмот како влијателно средство за едукација, просветлување и информирање на публиката од сите возрасти, низ целиот свет, со подобро разбирање на егзистенцијалните проблеми со кои се соочуваме денес. Преку своите мултимедијални иницијативи, вклучувајќи ги филмските проекции и дистрибуцијата во училиштата, универзитетите, музеите и библиотеките, таа може да ангажира публика на Блискиот Исток, Африка, Индија и Азија. Фестивалот е во чест на професорот Карл Бартош, кој е пионер во продукцијата на филмови снимени на мобилен телефон. Тој и самиот е во жирито на фестивалот, кое годинава го сочинуваа уште десетина експерти, професори, филмаџии, програмски директори, екологисти, хуманитарци.

На онлајн настанот присуствуваше и Весна Ристовска од фестивалот „Мобил“. Сите присутни беа охрабрени да направат донација за да помогнат во организирање на виртуелното прикажување филмови во насока на едукација за разновидност и социјална правда. Фестивалот „Мобил“ го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ од Скопје.