На Филозофскиот факултет во Скопје завчера беше промовирано новото, четврто издание на научното списание „Фолиа археологика Балканика“, овој пат посветено на познатиот македонски археолог Виктор Лилчиќ-Адамс, кој беше и присутен на промоцијата. Издавач е Институтот за историја на уметноста и археологија, уредник е археологот Антонио Јакимовски, а промотори беа професорите Драги Митревски и Елизабета Димитрова од истиот факултет, каде што впрочем, како редовен професор и работи Лилчиќ-Адамс.

Во овој број на списанието се поместени текстови од 31 балкански научник од Македонија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Србија.

– Страстен истражувач на македонското археолошко наследство, енергичен трагач по историската вистина за старите цивилизации, инвентивен творец на претпоставки, заклучоци и теории, мотивиран заштитник на археолошките локации низ државата, посветен педагог и едукатор на многубројни генерации млади теренски професионалци и меѓународно респектиран подвижник за промоција на македонската археолошка научна мисла, Виктор Лилчиќ Адамс е, без сомнение, едно од најпознатите имиња на македонскиот современ идентитет кога станува збор за културното наследство на нашата држава и за неговата презентација низ интернационалните научни хоризонти – рече во своето обраќање, Елизабета Димитрова.

Набројувајќи дел од постигнатото во досегашната негова професионална одисеја, Димитрова посочи дека „Виктор Лилчиќ Адамс покрај другото, ја истражи, класифицира и типологизира архитектонската камена пластика во Република Македонија, ги убицираше периметралните коти на доцноантичките и средновековните градови во северозападна Македонија, изврши премер и геопресметка на доцноантичките и средновековните утврдувања во западна Македонија, како и на оние во источниот дел од земјата, го истражи археолошкиот локалитет Давина Кула“.

– Тој ги определи северните граници на античкото кралство Македонија во рамките на денешната македонска територија, ги почна ископувањата на репрезентативниот локалитет Старо Бонче, ги иницира постапките за имплементација на новите стандарди и технологии во македонската археолошка практика, беше еден од иницијаторите за оформување самостојна музејска збирка на Филозофскиот факултет, ги дизајнира концептот на Археолошкиот катастар на старите градови и тврдини во Република Македонија и контекстот на Археолошката топографија на древните македонски урбани центри и фортификации, ја детерминира трасата на мегамагистралата Виа Игнација во Македонија, го убицираше античкиот град Пелагонија… – рече Димитрова.

Таа меѓу другото истакна и дека Лилчиќ-Адамс ја предводеше Управата за заштита на културното наследство со многубројни успешни проектни активности од национален и меѓународен карактер и со значителни издавачки постигнувања, ги проучуваше архитектонската декорација во камен, монетоковањето, тврдините, каструмите, градовите и урбаните населби, паганските храмови, христијанските сакрални зданија, одбранбените пунктови, збеговите, ранохристијанската иконографија, симболиката на просторот и ликовните претстави, епохата на Александар Велики, времето на византиските императори, убикацијата на архиепископатот Јустинијана Прима, средновековието како археолошки феномен.