Фото: Зоран Павелиќ

Кон изложбата „Резиме/Несвесно“ на хрватската уметница Ката Мијатовиќ, реализирана во подрумскиот простор на „Диоклецијановата палата“ во Сплит (14 – 24.11.2019)

Натали Р. Павлеска

Архаичниот подземен простор на римската „Диоклецијанова палата“, изградена во третиот век во Сплит, трансформиран во изложбен мизансцен, претставува контрапост на она што за современата уметност значи „белата коцка“ или неутралниот дсипозитив на институционалните културни политики и нивната хегемонистичка моќ во антиципирањето на содржински облици наменети да им служат на неолибералните производствени машини. Изборот на овој простор за претставување на последното дело „Резиме/Несвесно“ на хрватската уметница Ката Мијатовиќ, веројатно е најсоодветната обвивка за содржината на нејзиното дело, тој директно посредува во интеракцијата на делото и публиката, имено самиот „подрум“ е метафорично место во кое ги складираме нашите сеќавања како реликвии. Влегувајќи во овој простор се добива чувство на затекнатост на предметите, наслоеност на историското врз нивната незабележлива новост, партитурите се всушност човекови соништа, кои се изложени пред окото на набљудувачот, само што наместо реалност, пред гледачите се изложени – состојбите на духовното, соновното, засекогаш неоткриеното, мистичното и непознатото.

Изборот на „триесетина соништа“ е направен од колекција на соништа од „Архивот на соништата“, како носив елемент на визуелниот опсег на оваа просторна интервенција, врз кои авторот додава и наслојува аудиокомпонента, звук преземен од еден од своите перформанси „Резиме“ (2007), кој претставува интерпретација на сопствениот сон на авторката од 1991 година, изведен како „визуелен расказ“ според сеќавањето. Апропријацијата на изјавите (испратени писма до авторката за „Архивот на соништата“) во овој уметнички контекст воведува едно ново наратолошко значење, концептуално, онолку дистинктивно колку што е и поимливо. Како мултимедијален уметник, Мијатовиќ ги предизвикува конвенциите на современиот јазик, односно поставувањето на двојниот наратолошки дијалог (во прво и во второ лице) во еден чист концептуален поезис. Наративизација на состојбата на преминот помеѓу свесното и несвесното, слободата на мислата без надзор, е претставена како ослободување на имагинативното во виртуелно поле, односно она за кое сме свесни дека потсвесно постои како реален облик на постоење во нашиот интимен и затворен свет. Ова опросторување во дадено време и конкретен контекст, подразбира ослободување или заокружување на една уметничка визија, односно крај на новиот почеток, карактеристичен цикличен процес во севкупната продукција на Ката Мијатовиќ. На изложбата ѝ претходи перформанс на перистилот пред самата палата насловен „Будење“, во кој авторката создава бучава од звукот на будилниците, како претконтекстуален вовед во содржината на изложбениот материјал, веројатно алудирајќи на моментот во кој стануваме свесни за отчукувањето на часовникот на оној другиот живот, кој се одвива во свесниот домен на нашата реалност.

Да се овозможи инкарнација на сонот во материјален облик лакановски поимано, значи да се отелотвори неговото присуство на начин што ќе овозможи видлив, звучен, допирлив, односно сетилно перциптивен однос со восприемателот. На тој начин, (не)постојниот мисловен процес што се одвива во несвесниот облик на мислата, добива форма на екстензивен облик на говор, кој не е завршен или конечно одреден со неговата читливост, туку генерира моменти на неизвесност и субјективна препознатливост, својствени за перциптивната когниција. Мијатовиќ пристапува кон уметничкото дело, на еден препознатлив и карактеристичен начин за нејзината продукција, облик на пренесување или медијација на мислата кон нејзиното материјално тело, вклучувајќи го во самата структура на обликот, врежаниот збор или јазик на мисловната процесуалност. Целосниот гестуален пренос на несвесното во облик на реално материјална приемливост, во значителна мера се ослонува на звучниот амбиент, кој се однесува синхроно спрема инсталацијата во простор, во одредени моменти како наметлива суперпонираност во однос на визуелниот материјал, како наративна компонента што воспоставува висока сензорна комуникација со читателот. Вкрстувањето на зборовите и звучниот елемент овозможува меѓусебно зависна релација во однос на читливоста на пораката. Пулсативниот ритам на звукот воведува нов начин на комуникација со делото, имено гледано како целина (текстовите, звукот и волуменот што го заземаат), се доживуваа како силна експресија на мислата на авторот, внимателно распоредена низ неколку чекори на нарација создавајќи симболичен говор, каде што редоследот на првенството на восприемање се менува. Она што доаѓа како примарна визуелна порака се извлекува во прв ред, но само во оној момент кога мислиме на текстот ексклузивно или самостојно, вкупноста на текстот е неговата парола или звучниот текст, кој повремено се наметнува како примарен концепт на носивост на идејата за „колективното несвесно“. Соновите што се изложени во форма на „изјави“ поседуваат собирна смисла на меморијата како својство на колективен чин на поседување, односно, нивната реална отсутност во секојдневието, не ја исклучува нивната закотвеност во стратумот на постојната мисла како зависна од севкупниот мисловен процес, свесен и несвесен во еднаква мера. Гледачот е сместен помеѓу една повеќеслојна реторичка иконографија, каде што присуството на сонот (звучната нарација) и отсуството на раскажувачите на сонот (присутни се нивните сведоштва), ја создаваат третата димензија на имагинативното поле, местото каде што престојува внатрешноста на поединечните светови, кои, пак, вака асемблирани создаваат еден заеднички свет на присуство.

Моќта на изразот тука лежи во пренесувањето на оваа временски препознатлива состојба (соништата се случиле во одредено мемориско време), но состојба за која никогаш не сме целосно свесни дека навистина постоела. Сонот пренесен преку мемориското искуство, се појавува во облик на ехо, но во темпорална смисла – конкретно постоење, бидејќи соновите имаат свој датум, свое меморирано присуство. Одделувањето на интимниот свет говори за искреност на раскажувачите, потреба за потврдување на она за што сакаме повеќе да дознаеме – сонот како апстрактен, но спознаен феномен. Контемплацијата лежи токму во нексусот помеѓу искуствата, она на создавателот, она на раскажувачот и она на интерпретаторот.

Ликовниот израз на Мијатовиќ го надминува конвенционалниот начин на комуникација со публиката, во апсолутно релевантен модел на конвергентни медиумски интервенции, со што нацртот или скицата на визуелниот јазик во проширено когнитивно поле, ја прави достапна идејата за отелотворување на сонот и потсвеста. Постигнувајќи алтернација на значењето (изјави и лично искуство) во кое супститутите (текст и звук) добиваат волумен во даден простор, ние добиваме целосна слика на она што значи чиста идеја или концепт преодреден со прецизност во обликовните постапки. Оттука Мијатовиќ успева да воспостави релација со сопствената мисла во континуитет, недвосмислено менувајќи го пристапот и модалитетот на изразување според текот на претпоставките, пред сѐ индивидуални за она што значи современост на мислата и длабока интроспекција преведена во материјален говор на ликовното писмо.

Ката Мијатовиќ е мултимедијална уметница, членка на неформалната група „Мочуриште“ (1988-1991). Од 2005 година заедно со својот партнер Зоран Павелиќ раководи со галеријата „Житњак“ (АЖ Галерија), од 2007 година е членка на групата „Плех“ и претставничка на Хрватска на Венециско биенале (2013).