Победникот на „Санденс“, краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски ќе се натпреварува во една од програмите на Филмскиот фестивал во Виена. „Опасно добри филмови“ е мотото на фестивалот во чиј фокус на годинашното издание ќе бидат филмови од Централна и од Источна Европа, Турција, како и од регионот Кавказ. Помеѓу 13 и 22 април оваа година, околу 155 играни, документарни и кратки филмови ќе бидат прикажани во пет различни киносали во Виена.
Филмот ќе има две проекции за време на фестивалот, на 19 и 22 април.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат: Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Горан Столевски го напиша сценариото за филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимографка Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Скопје филм студио“, а беше финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РМ.