Во годинава што изминува, Владата ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Министерството за култура реализираше и видео-материјал со поезијата на Блаже Конески на шест јазици: македонски, турски, ромски, српски, влашки и босански јазик.

Видео-материјалот е достапен за користење и истиот може да го подигнете на следниот линк.

Иницијативата за Национална програма за одбележување на капиталното научно и литературно дело на големиот Конески ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука. За меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи, а покровител на Програмата е претседателот Стево Пендаровски.

Програмата се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата беа обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади.

Покрај институционалните форми, делото на Конески на оригинален начин се чува, се негува и се осовременува и низ различни форми на граѓански и образовни институции, кои изготвија алтернативни начини и на современ јазик говореа за темелните вредности на Конески.

100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески се чествуваше и во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, каде што на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, песни од Конески на своите јазици прочитаа повеќе високи дипломатски претставници во УНЕСКО.

Во знакот на оставината на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, се одржа и 60. издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, а беше издадено и монографско издание посветено на Конески.

Беа распишани и конкурсите за ученици од основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески. Беа промовирани и илустрации создадени на Јавниот конкурс на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, со што студентите оддадоа почит кон поетското наследство на Конески, но дадоа и нова димензија за афирмација на визуелната уметност, преку илустрацијата во издаваштвото.

Во рамките на јубилејот, Народната банка на Македонија издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата на Македонија издаде поштенска марка со ликот на оваа наша национална гордост.

Во оваа јубилејна година, неколкупати со топлина каква што го красеше скромниот и голем поет, научник и човек – Конески, настани се одржаа и во неговото родно Небрегово – во спомен-куќата каде што е роден.