Издавачката куќа „Готен“ организира Вечер на балтичката литература – промоција на романот „Јелгава ’94“ од летонскиот писател Јанис Јоневс, и промоција на збирката раскази „Стакларница“ од полскиот писател Даниел Одија. Разговорот со авторите и промоцијата на книгите ќе се одржи во галеријата на Младинскиот културен центар, вечерва, со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

„Стакларница“ од Даниел Одија и „Јелгава ’94“ од Јанис Јоневс се дел од двегодишниот проект на издавачката куќа „Готен“ насловен „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, проект што опфаќа превод на 10 книги од еден од најмалку претставените европски региони во Македонија. Станува збор за две одлични книги од автори, кои се едни од најинтересните книжевни гласови на полската и на летонската книжевност од поновата генерација. Во „Стаклраница“ Одија главно пишува за проблемите на младите луѓе од општествените маргини додека се борат со недостиг од работа и животни перспективи. Преводот на книгата од полски јазик е на Филип Димевски. „Јелгава ’94“ е култен роман за историјата на летонскиот метал од средината на 1990-тите години. Преводот на романот од англиски на македонски јазик е на Владимир Јанковски.