Вечерва во 19 часот во Музеј-галерија во Кавадарци во рамките на манифестацијата Кавадаречка културна есен ќе биде отворена изложба под наслов „Промислувајќи го просторот“ на авторот Наташа Милованчев од Скопје.

Изложбата ја сочинуваат 25 дела од повеќе циклуси на Милованчев и тоа циклусот „Кодови и кругови“ и „Кодирани предели“ работени во техника акрил и комбинирана техника на платно.

Како проект изложбата „Промислувајќи го просторот“ претставува пресек на визуелните наслојувања низ временски период од 2007 -2017 година, односно една своевидна синтеза на елементите од еден подолг творечко-истражувачки процес.

Во предговорот на каталогот за истата изложба која беше презентирана во Загреб Санда Станачев Бајзек, историчар на уметноста ќе напише дека Наташа Милованчев укажува на авторската константа во презентацијата сопственото уметничко дело, кое го чини секогаш концепциска заокруженост на творечкото искуство темелено на промислување и структурирање на просторот.

– Имајќи создадено јасен личен идентитет на нереференцијални пластични системи со тенденција кон чистота и универзалност на уметничкиот јазик сведочи за особеноста на уметничката синтакса која ја нагласува актуелната свест за значењето на редукционистичкиот пристап кој произлегува токму од индивидуалното, лично доживување на просторот што нѐ опкружува, но и на оној кој го создаваме во нас – посочува Станачев Бајзек.

Наташа Милованчев дипломирала на Архитектонскиот факултет во 1993 година и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје отсек сликарство во 1995 година. На истиот факултет (ФЛУ) завршила и постдипломски студии во 2003. Досега има реализирано студиски престој во Париз- Франција во 1999 и 2005 година. Наташа Милованчев има учествувано на голем број групни изложби, како и меѓународни ликовни работилници и семинари во Македонија и во странство како Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Германија, Холандија, Шпанија, Франција и САД.. Автор е на 15 самостојни изложби меѓу кои три во Скопје, и во Крањ, Париз, Подгорица, Софија, Белград и Берлин.

Покрај импозантниот број на нејзини учества на групни изложби и ликовни работилници во регионот и во светот Наташа Милованчев работи како редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „СВ. Кирил и Методиј“ во Скопје, член е на Друштвото на ликовните уметници во Македонија од 1994 година и добитник е на две национални награди за сликарство.

Мирјана Мукаетова