Во Музејот на Град Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Цртежи и скулптури“ на македонскиот уметник Ранко Дакиќ. Ќе бидат претставени неговите најнови цртежи, но и избор од неговите скулптури работени од 2005 до 2015 година.

Ранко Дакиќ е роден во Скопје 1958 година. Завршил училиште за применета уметност во родниот град и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 1987 година живее и работи како самостоен уметник во Берлин и Кавадарци. Член е на ББК (Асоцијација на професионални уметници на Берлин). Реализирал повеќе самостојни изложби во Германија и Македонија

Според Златко Теодосиевски, историчар на уметност, „во неговото досегашно творештво – сликарско и скулпторско – не функционира ниту една уметничка формула или „законитост“ (на развој, на стил, на континуитет…), стереотип или поводливост“.

– Секое дело на Ранко Дакиќ е крај на едни мечти и илузии, тегоби и стравови, надежи и очекувања, победи и порази… и почеток на нови, исти такви предизвици коишто, барем досега, Дакиќ мајсторски ги надминувал. Тој не плете мистерии и митови околу уметноста – вклучително и својата – не измислува приказни за проклетството на уметникот, за игнорирањето од страна на државата, за тешкиот живот… За него уметноста е вечна борба, постојан судир со себе,психотерапија, самопрогон, некогаш ништавило, но и спас, аждер што бара жртва – ако си подготвен да се жртвуваш! Сите можни современи бајки за уметноста Дакиќ ги сведува на илузија, на тврда едноставност и потрага по себе, на возбуда, некогаш очај, но често и среќа или барем задоволство.Или освојување на слободата? Веројатно, зашто Дакиќ е најслободен кога е „во“ делото, во неговата внатрешност/утроба, кога ровари во неа, нанесува канти боја или ја гмечи, моделира глината – вели за творештвото на Дакиќ Златко Теодосиевски, кој е и куратор на изложбата.