Фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива 2018“ и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии.

Едно од нив е Иван Бркљач, слободен уметник и претприемач, проектен менаџер на „Мокринска куќа“ – место за слободни уметници, дигитални номади и сите оние што сакаат да работат надвор од големите градови, која се наоѓа во селото Мокрин во општината Кикинда во севернобанатскиот округ и во кое живеат помалку од 5.000 жители. Концептот е замислен како престој во рурална средина, која притоа го овозможува целиот комфор на урбаниот живот. Идејата е враќање кон природата и воспоставување баланс така што ќе се излезе од рутинскиот живот што ја зголемува продуктивноста повеќекратно. Имотот има 5 објекти и секој со своја намена, за јадење, спиење, одмор, работа, за презентации. Тука може да се остане од два дена до повеќе години. Најчести гости се луѓе од ИТ-индустријата, како и дизајнери, но и поголеми компании, кои тука ги испраќаат своите креативци на неколку дена за да работат на нови идеи и кампањи.

Поле на интерес му е и екологијата, како еколошки активист Иван Бркљаќ во 2016 година, згрозен од поплавите, почна и модна линија на алки за рака „Арбо-проект“ со чие купување луѓето може да учествуваат во засадување дрвја во најзагрозените подрачја, но осмисли и начин секој да знае каде е засадено неговото дрво.

В недела ќе одржите предавање на фестивалот „Скопје креатива“, за што ќе зборувате пред публиката, кој е вашиот совет до младите дизајнери и креативци?
– Мојот совет до младите дизајнери е ист како и до сите млади луѓе што се бараат себеси. Ставете се во ситуација во која не е никаков фактор – да кажеме како да ги имате сите пари на светот и потоа да размислувате што е она што најмногу би сакале да направите со својот живот. Тоа според мене ви е најдобра алатка да откриете што е вашата страст, со што треба да се занимавате и во овој конкретен пример, кој правец во дизајнот ви е најинтересен.

Ваш најмаркантен проект е „Мокринска куќа“. Кажете ни нешто повеќе за идејата на овој необичен концепт?
– „Мокринска куќа“ е проект што за своја цел има две работи, а тоа се ревитализација на крајот во кој се наоѓаме на еден алтернативен начин, а втората е собирање интернационална заедница во концепт што ние интерно го нарекуваме глобално село. Денес Интернет ја демократизираше географската положба и сѐ повеќе луѓе можат да работат од која било позиција на светот сѐ додека имаат стабилен Интернет. Она што ние во Мокрин успеавме да го направиме е да допреме до луѓето што разбираат дека понекогаш е потребно да се побегне од градот и да се забави ритамот на животот, а притоа да се зголеми работната продуктивност. Но да не откривам премногу, се надевам дека ќе слушнете во презентацијата.

Дали сѐ уште живеете на село и како му е на едно модерно градско момче да опстане во таква средина, мало место, некаде во рурална Србија?
– Живеам еве веќе цели две години. Искрено тоа е најдобрата работа што можеше да ми се случи. Ако некој една година претходно ме прашаше дали некогаш би живеел надвор од градот, одговорот сигурно би бил – не. Денес мислам, ако не би морал поради работата или семејството, повеќе не би сакал да живеам во голема средина. Јас сум за еден час до час и половина од Мокрин до Темишвар, Сегедин, Нови Сад или Белград, а темишварскиот аеродром со своите нискобуџетни летови ми дава можност често да скокнам до Западна Европа. Верувам дека навистина живеам еден модерен живот на село.

Oд каде идејата тоа да биде баш Мокрин?
– Татко ми е по потекло од Кикинда, која е на 10 километри од Мокрин, а тука имаше преубава напуштена куќа. Другото е историја.

Колку ви значи работата во областа на екологијата и што подготвувате за наредниот период?
– Ние се трудиме да имаме што помал еколошки „отпечаток“. Во рамките на нашите системи имаме геотермални пумпи и соларни панели. Покрај тоа рециклираме. Една колешка во нашиот тим оваа година доби задача дополнително да осмисли како да бидеме еколошки пообѕирни во наредните години, така што навистина се трудиме да бидеме одговорни.

Какво е значењето на креативните индустрии во денешно време?
– Креативните индустрии секако се една од индустриските гранки што не го добиваат заслуженото внимание. Нивното значење за помалите развиени земји е уште поголемо токму поради тоа што за успехот на креативните индустрии е потребна помалку развиена инфраструктура отколку во другите индустрии. Јас на пример знам податоци за Србија, кои ги изработи Светската банка, а кои покажуваат дека креативните индустрии вработуваат над 100 илјади луѓе и дека имале раст од 16,4 отсто во последните 4 години. Овие бројки ги нема ниедна друга индустрија во нашата земја, а верувам дека е слично и во другите земји на регионот.

Што значи успешен бренд, како се создава?
– Успешен бренд се создава со јасна визија во комбинација со внимателна и конзистентна комуникација.