Спотот бил снимен во Прага и околината, пред еден месец, во услови на пандемија, и се појавил, како што посочува Недеска, „во еден клучен момент, кoга во Полска почнаа протестите против варварскиот закон за забрана на абортусот, а Америка влезе во глобалната антиабортус-декларација со земји што константно ги прекршуваат правата на жената“

Македонската актерка Верица Недеска, која живее во Прага, деновиве го привлекува вниманието со своето учество во музичкото видео за песната „И водата гори“ на Катарзиа, во продукција на „Криејтив ембаси“ од истиот град. Текст за ова впечатливо дело што плени со комплетниот музички и визуелен израз, проследен со фотографии, е објавен и во чешкото издание на „Вог“, а песната со превод на англиски јазик, заедно со деталната кредит-листа од авторите, е поставена на јутјуб-страницата на Катарзиа.
– Катарзиа е уметничкото име на Катарина Кубошиова, исклучителна авторка од Словачка што живее во Прага, која е познат борец за родова еднаквост, за правата на жените и маргинализираните групи. Заедно со режисерката Џеј Вокер и директорката на фотографија Ана Смороњова, кои се силни гласноговорници и активни борци за истите прашања, во продукција на „Криејтив ембаси“ и фантастичниот тим од креативци и внимателно избраниот кастинг, успеаја да го направат ова маркантно и актуелно видео за песната „И водата гори“ од последниот албум на Катарзиа, „Целибат“ – вели Недевска.

Тимот е родово избалансиран, но главните авторски позиции ги држат жени.
– Со оглед на тоа дека режисерките и директорките на фотографија се во исклучително мал број во оваа индустрија, во соработка со прашкиот разгранок на организацијата „Грлс ин филм“, организацијата за поддршка на жени во филмската индустрија, во ова видео авторките имаа вклучено и „екипа во сенка“ – млади девојки што сакаат да се занимаваат со филм, кои работејќи на овој проект имаа можност и директно да учат од самите авторки. Со ова видео, авторките не само со што ја пренесуваат пораката, туку и практично, со дела, се вклучија во женската поддршка и солидарност – изјави Верица Недеска.
Покрај споменатите, во видеото учествуваат и: Тереза Хофова, Анеска Питартова,Тереза Ондрова, Мелика Јилдиз, Јан Хајек, Роберт Миклус и други. Спотот бил снимен во Прага и околината, пред еден месец, во услови на пандемија, и се појавил, како што посочува Недеска, „во еден клучен момент, кoга во Полска почнаа протестите против варварскиот закон за забрана на абортусот, а Америка влезе во глобалната антиабортус-декларација со земји што константно ги прекршуваат правата на жената“.

– За жал, сведоци сме дека дури и во 21 век борбата не е ни блиску до завршена. Со ова видео разговорот за правата на жените стана многу погласен, а пораката што ја пренесува против систематскиот сексизам веќе ги премина границите и стигна како поддршка во Полска – вели Недеска.