Деновиве, белградскиот издавач „Лагуна“ го објави во ексклузивно издание романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски на српски јазик.

„Лагуна“ на корицата од книгата го најавува Андоновски како „современ класик на македонската книжевност“, повикувајќи се на предговорот на руското издание, за кое авторот лани беше номиниран за „Толстоевата награда“, каде што стои: „Без сомнение, Андоновски може да се нарече гениј, жив класик и книжевен џин, а романот може да се споредува со делата на Умберто Еко и Милан Кундера“. Лагуна, според ексклузивен договор, ќе ги објави и сите други романи на Андоновски во следниве години.

Инаку, само три месеци од објавувањето, најновата книга раскази на Венко Андоновски, „Припитомување на кучката“, во издание на издавачкиот центар ТРИ, го доби своето второ издание.

Збирката раскази „Припитомување на кучката“ е напишана во веќе препознатливиот стил низ што провејува духовитиот, ироничен и прониклив став на авторот. Преку приказните на своите ликови, тој ни ги покажува познатите благородни форми на лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста, но и формите на денес сè поприсутното „лудило на празното полно“.

По повеќе од триесет години, Андоновски, како што вели самиот, му се врати на расказот на кој како форма му останал должен: „Да не беше расказот, кој го сметам за најблизок до поезијата, а поезијата за праматерија и на прозата и на драмата, сигурно немаше да ги напишам ’Азбука за непослушните‘, ’Папокот на светот‘, ’Вештица‘ или ’Ќерката на математичарот‘“.

Андоновски смета дека сега дошло времето да ги тестира можностите на расказот, да провери на која точка тие негови така дефинирани раскази поминуваат во нешто друго, и да го направи расказот критички и ирониски настроен кон ова време на карикатури и наше лудило.