Филмскиот фестивал во Венеција сè уште планира да продолжи на Лидо по вообичаениот терк, во почетокот на септември. Роберто Сикуто, претседател на Венециското биенале, матична организација на фестивалот, во интервју за италијанската новинска агенција АНСА откри дека се потврдени датумите од 2 до 12 септември за одржување на 77-то издание на „Венецискиот филмски фестивал“. Сикуто во интервјуто ја минимизира можноста за соработка помеѓу Венеција и Кан, што директорот на „Канскиот филмски фестивал“ Тиери Фремо го спомена во неодамнешното интервју за „Вараети“, кога изјави дека од почетокот на кризата е зголемена можноста да се направи нешто заедно доколку Кан биде откажан.
Но Сикуто открива поинаков став.

– Со Кан сè е можно, но сметам дека е непријатно тоа што Тиери Фремо вели дека продолжува да ја испитува ситуацијата, а не кажува што сака да направи. Одиме напред со нашата програма и, доколку Кан сè уште размислува за својот тек на дејствување, тогаш нема дијалог – додаде Сикуто.
Директорот на биеналето изјави дека во моментот не постои хипотеза за заедничката иницијатива Венеција – Кан. Во интервјуто, Сикуто исто така призна дека очекува „странската посетеност да биде значително многу помала“ оваа година отколку во минатите изданија на фестивалот.

– Ние правиме симулации во однос на еден типичен фестивалски ден – рече тој, додавајќи дека дигиталната технологија ќе биде важна за странскиот печат и дека сето ова е добро усогласено.
Сикуто, кој е поранешен филмски продуцент, се осврна и на клучното прашање за користење на киносалите за фестивалот, истакнувајќи дека очекува италијанските власти да ѝ дадат на Венеција посебен статус во однос на националните безбедносни мерки против ширењето на коронавирусот.

– Едно е да управувате шест или седум лимитирани киносали, наспроти илјадници кина низ целата земја – посочи тој.
Додека Италија во моментот е во строг застој, со огромен број смртни случаи поради коронавирусот, што ја прави најтешко погодена земја во светот од пандемијата, се верува дека новите инфекции го достигнале врвот и, нешто слично како Кина, постои надеж дека кризата ќе забави порано откај некои други нации.
Венецискиот, кој се смета за најстар светски филмски фестивал, во јануари објави дека Кејт Бланшет ќе претседава на 77-то издание.