Фото: Зоран Антовски

Синоќа во големата сала од Центарот за култура во Кичево, матичното друштво КУД „Рацин“ Кичево го одржа традиционалниот велигденски коцерт. На концертот продефилираа над 100 играорци од сите генерации, а во деведесет минутната програма се испреплетуваа познатите македoнски ора Истерување на чумата, Копачка, Поречки игри, Староградски Охридски игри, Малешевка и други.

Покрај познатите ора концертот беше збогатен и со вокални изведби на познати солисти, како и со оркестарски сплет на инструменталистите од КУД „Рацин“. Аплаузите не запираа, а презадоволните гледачи на крајот на концертот со долг аплауз ги испратија актерите, со што уште еднаш им се заблагодарија за неповторливото доживување.

-И овој концерт потврди дека македонскиот фолклор е многу популарен кај нашите сограѓани. Самата посета и големиот интерес за концертот, потврдуваат дека КУД „Рацин“ во целост го оправдува своето постоење, а бројното членство е потврда дека и меѓу младите има интерес за македонскиот фолклор и изворна народна песна. Можеме да бидеме презадоволни што сите учесници во концертот максимално се заложија, за да ја направат оваа вечер незаборавна за сите присутни во салата. Фолклорот кој го негува Рацин, надалеку ја промовира нашата земја и градот Кичево-рече Мира Божиноска, ВД директорка на Центарот за култура во Кичево.

Посетителите беа презадоволни од синоќешниот настан и посакуваат што почесто во нивниот град да има вакви концерти, со што значително би се подобрила културната понуда во градот.

З.А.