Обредот традиционално се изведува на вториот ден на Велигден и датира од времето на Османлиското Cарство, а според најавите би требало да биде ставен и под заштита на УНЕСКО

Културно-туристичката манифестација „Велигденски кули“ се одржа и годинава во Порече пред голем број гости, локални жители и граѓани од соседните општини и од странство. Истоимениот обред традиционално се изведува на вториот ден на Велигден и датира од времето на Османлиското Cарство, а според најавите би требало да биде ставен и под заштита на УНЕСКО.

Токму пoради таквата заштита за овој обред, кој е во основа на истоимената културно-туристичка манифестација, во организација на Домот на културата од Македонски Брод, беше снимена и телевизиска репортажа.

– Велигденските кули се производ на едно време кога на локалното население му било забрането да ги слави верските празници и да ги извршува обредите својствени за Велигден. Поттикнати од нехуманиот однос на Османлиите, авторитетите од овој регион одлучиле да го посетат султанот и со седум капи златници да откупат еден празник во годината што ќе можат слободно да го празнуваат. Броѓани го избрале вториот ден од Велигден и како потврда за непокорот одлучиле да формираат кули од човечки тела. Бројот на кулите секогаш е непарен и може да биде три, пет или седум, а бројот на лицата што ги формираат секогаш е константен и изнесува десет, поточно пет лица во долниот ред фатени за рамо и петмина качени на нивните рамена. Тие на тој начин со песни ги носат кулите по една иста многувековна траса по нагорнина до сретсело – вели Милена Стојческа, етнолог и директорка на Домот на културата во Македонски Брод.

Таа додава дека првиот ред од овие кули ги симболизира Османлиите, а горниот македонското население, нивниот непокор и желбата за слобода. Велигденските кули секогаш ги прават само припадници од локалното население, додека гостите можат да бидат единствено набљудувачи.

– За нив се заинтересирал и полскиот истражувач и етнолог Јозеф Обремски, кој во Порече престојувал во периодот 1932-1933 година. Во негова чест и како потсетување на неговиот престој во овој регион, во селото Самоков е подигнат и споменик – додава Стојческа.