Есеј

„Омир ме научи да бидам бујно бестрашен, а Иродот да се сомневам во вистината на историјата“. Не случајно овој есеј за големиот македонски лингвист, литерат и стог на литературната македонска наука и историја, Блаже Конески, го започнувам со мислата, класјето и пламтот на охридскиот трибун и блаж од 19 век, поетот Григор Ставре Прличев. Песната на Конески со наслов „Григор Прличев“ е составена од два дела, Нож и Патник, тоа е тој тих баладичен глас што пее со сјај тешителен и бигорски, со скротлив сив самјак на езерото и јасиката.
„За ова срце сегде острат нож/ а ножот веќе забоден е внатре -/ и стига само да се засмеам/ ќе сетам веднаш колку длабоко/ ме пронижувал, со колку танки жилки/ на остра болка в гради ’ртил тој“
Пленуваат во оваа песна сласта, срцето и силата што се коваат пред проѕирката, сјајот и бодот на ножот. Бодежот што стига длабоко и вирно со болка ’ртилна, крвава и кобна. Срцето – срцето мајчинско што бие постојано или згаснува во есен, во гората студена и мрачна. Втората песна Патник како да згаснува или се прелистува со етимолошка размисла, наума и трпка. Како да се разоткриваа и пронизуваа жолтите листови и мирисот на тутунот, судбината, наследствата и традицијата на генерациите и мислата што поколениски врие и се превиткува…

„И вземи туѓа и притеснет ќе бидам/ сè дур не дојде едно ново племе/ што ќе ме сака и прославува“
Присет и стега е тоа за авторот и умотворбата плодородна, за есејот, опитот и патописот пред срмата, везилката и везот на стариот век. Луњиците како да живееја високо на врвовите, сртовите, до небото и облаците и затоа тие најубаво разговараа со секавиците и бессоните ветровенија на јазикот и молскавиците. Оддивнуваа ширната долина и подножјето на пределот. Оттаму и кон камената земја, каинавелска, се сливаа надалеку тагата и болката на гајтанот жолт, на кромпирата и нејзината таинственост на пазувата. Најјасен и најсилен беше токму зборот, таа рима, поттик и извор што проникнуваа од душата и длабочината на поетот. Се трагаше по утринската појава на зората. Епските и митските слики и трауми се искршуваа и крвавеа со оддивот и потковицата на Бакарното Гумно. Копјата се забодуваа кон најјужниот срт на бресјето и листовите. Се ткаеше таа столетница, тој лад, срт и праг на раззелените господови проповеди.
Народните преданија, верувања, легенди, орално се пренесуваа и раскажуваа меѓу поколенијата и родословното стебло и имагинарност. Поимно таа поетика постануваше престиж и евангелиска патека, до рајските плодови и секала во градината. Песната постануваше белег, мит, опит, вознесеност да се испеат и запишат најубавите изусти и гласови на саканото и најболното ропство и опцесија. Методолошки, песната живееше и опстануваше целосно кај поетот како од и житие на големото поле и одблесок од гумното. Мислата трагаше по чистиот поток и проток на совршеното, трајното и недогледниот изуст и епика од времето. Интимата анатомски се раѓаше заедно со семејниот праг и лозата на традицијата и вечното. Не постоеше друг начин да се пронајде вистинскиот безимен збор на страдањата и боледувањата. Секоја возбуда се искажуваше со восхит и градба на новиот духовен манастир и светилиште. Филозофијата на таа Кратилна наума и светлина, допираше од божјиот сноп зрачен, од сончевата питорескна посевина и падина.

Умората – и таа поседуваше свое утешение и усвитеност. Поетот, крај огнената пиростија и огништето ги дофатуваше ехото, гласот и обемот на тепсијата, лебот пченичен и слоговите лирски и елегиски. Поетот пееше. Постојано пееше и трагаше во својата камена пештера. Јазикот и брегот на таа поетика, постануваа единствени и волшебни за големиот замок и рид на возвишеноста. Низ усната традиција на умотворбите, стихот се преобразуваше во уметнички памфлет и доживување на убавата креативност и рамнина. Народната поезија и епска одисеја ги отвораа ширум големите порти и клучеви на корапските устија, на традиционалниот танц и дијалектиката на Тешкото. Усното творештво и народните умотворби, постануваа интерес и крепост во пеењето и негувањето на старата македонска песна, на оралноста и метричката примена на вокалите кај поетот и степенот на пискотот од езгиите, зурлите силни и тапанот.
Блаже Конески сепак кон поетот суштествено му приоѓаше со примарна лингвистичка дарба „дека само поетот претставува одреден медиум на натприродните сили, натчовек, гласник на проводението“ („За поезијата“).
Пленуваат приодот и провејот на бескрајот кон толкувањето и согледувањето на српскиот поет Бранко Миљковиќ, посветена токму на охридските трубадури низ моќниот виорен стих во незаборавната песна „Балада“, кој ја пишува при една случајна имагинарна и лична средба со нив во Охрид, во 1959 година: „Пејте ми прекрасни старци / Исто е да пееш и да умираш“.

Оваа средба на Миљковиќ и тајфата на Садуловци е исклучителна кога на охридскиот брег се одржува 3. „Ликосов фестивал на поезијата“ во 1959 г., a на него присуствуваат покрај другите: Десанка Максимовиќ, Блаже Конески, Бранко Миљковиќ, Сретен Перовиќ, Јара Рибникар, Стеван Раичковиќ… Тоа пеење од македонската прекрасна и двогласна орнаментика, лирски и раскажувачки го оплодува Конески со чувствата, моќта и арсеналот на „тажниот пасторален пој“, на ветриштата и виулиците од струшкиот преродбеник Константин Миладинов и завршниот стих на антологиската песна „Т`га за југ“. Стилизацијата на песната и стихот, на преданијата и легендите, бескрајно протекуваше и извираше од длабочината и срцето на обичниот македонски пејач, од грутката и врутокот на сензибилниот изуст и стилистиката на животот мрачен, покорен и тегобен. Горчината се откриваше и изгреваше со првиот зрак на сонцето.

Разме Кумбароски