По повод 80-годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ, 30 години независност на Република Македонија и 100 години од раѓањето на македонскиот поет и кодификатор на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, Генералниот конзулат на нашата земја во Њујорк, во Македонскиот културен центар, што се наоѓа на Менхетен, на 11 октомври организираше чествување на овие три значајни јубилеи.

На настанот насловен „Поетска вечер“ се говореше за ликот и делото на великанот на македонската култура, литература и поезија, Блаже Конески, кој, како што беше речено е „светилник во нашата држава, тој го осветли патот кон трајните вредности на нашиот живот, на нашиот културен идентитет, со него станавме препознатливи во светот и нашиот македонски јазик се впиша во картата на светските јазици кои се говорат ширум светот“.

– Голема е почитта и честа да се чествува грандиозното дело на Конески во година која УНЕСКО ја прогласи за негова година. Затоа треба да го чуваме, негуваме и да го сакаме нашиот мајчин, милозвучен јазик македонски, да го користиме правилно, да го збогатуваме со нови зборови, наши, изворни, затоа што на тој начин го продолжуваме Заветот кој ни го остави великанот Конески: јазикот е нашата татковина! – истакна професорката Соња Панева, која го подготви настанот.

На свеченоста присуствуваа голем број истакнати видни личности од македонската дијаспора, иселеници, дипломати, претставници од канцеларијата на УНЕСКО, почитувачи на македонската култура и други американски граѓани пријатели на нашата земја кои со љубопитство и интерес го следеа настанот.

Стихови на македонски јазик читаа актерката и режисер Александра Огненовска и педагогот Лилјана Георгиевски, а на англиски јазик професорите Вилијам Шиу и Никол Беваква.

Во чест на овој голем настан, гостите и присутните беа почестени со концертен настап на две македонски врвни музички имиња кои премиерно интерпретираа две дела: пијанистката Калина Мрмевска ја изведе темата: „Партита со фолклорни мотиви за пијано“ и темата: „Дафино- за виола и пијано“ во придружба на Алфрида Тозиева – виола.

Автор на двете дела е композиторот Гоце Гавриловски, кој е препознатлив по творештвото на различни видови и жанрови на класичната музика.