Коронавирусот не го поштеди ни уметничкиот свет. Изложби се откажуваат, музеите се затвораат, а под прашалник се и голем број манифестации и саеми. Од ден на ден ситуацијата се менува, а ширењето на вирусот предизвика мерки на заштита на сите нивоа, вклучувајќи и затворање на некои од најпосетените светски музеи.

Особено е интересен случајот со „Сончогледите“ на Ван Гог. Сликата, една од петте верзии на познатата серија, требаше да биде во поставката на изложбата во Националниот музеј на западна уметност во Токио на која се претставуваат светски ремек-дела, околу 60 на број, од британската Национална галерија. Но славната слика, откако првпат во историјата ја напушти Европа, на својот јапонски излет заврши во „самоизолација“.

Изложбата требаше да се отвори на 3 март, но бидејќи јапонското министерство за култура ги затвори сите музеи на две недели, „вазната со петнаесет сончогледи“ моментално не може да се види. А на Британците, ни во овие алармантни околности не им недостига хумор, па како што пишува „Гардијан“, „среќа е што овие сончогледи не треба да се полеваат“.