Жирито што годинава ќе одлучува за филмовите во главната селекција на ММФ „Киненова“ го сочинуваат: Петар Валчанов, Зане Балчук и Владимир Ангелов.
Петар Валчанов е син на познатиот бугарски сликар Валчан Петров и актерката Иванка Братоева. Следејќи ги чекорите на неговиот татко, тој завршил уметничко училиште во неговиот роден град Пловдив, но потоа се преселил во Софија за да ја продолжи својата страст за филм од детството. Тој, заедно со Кристина Грозева, е косценарист, корежиер и копродуцент на филмовите „Скок“, „Лекција“, „Слава“ и „Таткото“. Нивните филмови освоија награди во Сан Себастијан, Карлови Вари, Токио, Локарно, Варшава, Гетеборг, Единбург, Киненова Скопје и други фестивали.
Зане Балчус е истражувач, кустос, хонорарен филмски критичар и шеф на Балтичкиот форум за документарни филмови во Рига, Латвија (од 2019 година). Балчус има особено големо искуство во програмирање, како кустос и во управување со различни организации во областа на филмската уметност. Таа била директорка на Филмскиот музеј во Рига од 2014-2019 година, кустос во истиот музеј од 2010-2014 година, а има работено и како селектор на Меѓународниот филмски фестивал „Arsenals“ во Рига од 2000-2005 година. Таа е коавтор на неколку книги за латвиската кинематографија, придонесува за разни публикации за филмската уметност (вкучувајќи Film New Europe, Kino Raksti). Балчус била дел од жирито на „FIPRESCI“ во „IDFA“ (2019), „ZagrebDox“ (2020), на меѓународниот филмски фестивал „goEast“ (2020), како и во жирито за најдобар нордиски филм на „Nordisk Panorama“ и во многу други.
Владимир Ангелов продуцент, филмолог и актуелен директор на Кинотеката на Р.С. Македонија. Владимир Ангелов по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1992 г., кратко време работи како продуцент во „Вардар филм“. Од 1995 г. до денес работи во Кинотеката. Во 2017 е назначен за вршител на должноста директор на Кинотека на Македонија, која во моментов ја извршува. Од 2018 г. е именуван за директор на Кинотека на Република Северна Македонија.
На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во периодот од 1948 г. до 1953 г. Врз основа на елаборатот за заштита на овој фонд, Кинотеката на Македонија ги изработува заштитните филмски копии на овие филмови.
Во текот на својата професионална кариера, Ангелов соработува со различни партнери на повеќе проекти, како „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“, дел од проектот „Историја на макро културата во Македонија“, во издание на Македонската академија на науките и уметностите, и „Трајче Попов“, во издание на Кинотека на Република Северна Македонија. По соработката со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Скопскиот филмски фестивал, Ангелов беше поканет како член на жирито и на Watch Out Film Festival во 2016 година, како и на првиот филмски проект. Од 1995 година Ангелов објавува и пишува за „Кинопис“. Бидејќи е одговорен за филмската програма во киното на Кинотеката, Ангелов пишува едиторијали за месечната брошура на кинотеката.
За кратките филмови, пак, одлуката ќе ја донесе жирито во состав: Мехмет Бахадир, Петар Станојловиќ и Никола Поповски.
Мехмет Бахадир ЕР дипломирал на Универзитетот за ликовни уметности Мимар Синан, на одделот за филм и ТВ. Неговите филмови постигнаа значителен успех на националните и меѓународните фестивали. Тој е член на Европската филмска академија од 2017 година. Тој продолжува да работи како продуцент и режисер во неговите проекти, меѓународни копродукции, ТВ серии и реклами.
Петар Станојловиќ (1979) е српски филмски и телевизиски режисер. Дипломирал филмска режија, а завршил и магистерски студии од областа на филмската и медиумската продукција. Од 1999 година работи како режисер во Националната радио и телевизија на Србија – РТС, каде има режирано бројни концерти, фестивали, манифестации и останати видови на телевизиски преноси и проекти од игран карактер. Во 2018 година избран е за вондреден професор на Факултетот за современи уметности во Белград, каде раководи со отсекот за креативни комуникации. Добитник е на националната награда „Вукова награда за култура“ за серијата „Заборавени умови на Србија“, каде се јавува како режисер и ко-сценарист. Добитник е на националната награда на Просветната заедница на Република Србија, Златна значка за 2019 година.
Никола Поповски е филмски и телевизиски режисер којшто досега работел на повеќе филмски и телевизиски проекти. Неговиот потпис стои на повеќе кратки и долгометражни филмови, докуметарни и играни, како и на играната серија „Црвениот поет“. Неговиот краток филм Последните Камбани својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада, каде ја освои првата награда за најдобар краток филм. Оттогаш филмот продолжи да се прикажува на повеќе филмски фестивали и е добитник на разни награди. Уште за време на студиите, но и по завршувањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година, започнал професионално да работи во телевизиската индустрија, каде стекнал работно искуство на играни, документарни и други телевизиски проекти. Во моментов работи на развојот на неговиот прв долгометражен игран филм со работен наслов „Патувања“.
Шестото издание на Фестивалот ќе се одржи од 27 до 31 октомври. Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се филмови од Ирска, Франција и Австрија, а ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“. Филмовите ќе се прикажуваат во Кино Милениум и во Кинотеката на Северна Македонија.