Жирито што годинава ќе одлучува за филмовите во главната селекција на ММФ „Киненова“ го сочинуваат: Петар Валчанов, Зане Балчук и Владимир Ангелов.
Петар Валчанов е син на познатиот бугарски сликар Валчан Петров и актерката Иванка Братоева. Следејќи ги чекорите на својот татко, тој завршил уметничко училиште во неговиот роден град Пловдив, но потоа се преселил во Софија за да ја продолжи својата страст за филм од детството. Заедно со Кристина Грозева е косценарист, корежисер и копродуцент на филмовите „Скок“, „Лекција“, „Слава“ и „Таткото“. Нивните филмови освоија награди во Сан Себастијан, Карлови Вари, Токио, Локарно, Варшава, Гетеборг, Единбург, Киненова Скопје и други фестивали.
Зане Балчус е истражувач, кустос, хонорарен филмски критичар и шеф на Балтичкиот форум за документарни филмови во Рига, Летонија (од 2019 година). Балчус има особено големо искуство во програмирање, како кустос и во управување со различни организации во областа на филмската уметност. Таа била директорка на Филмскиот музеј во Рига од 2014 до 2019 година, кустоска во истиот музеј од 2010 до 2014 година, а работела и како селекторка на меѓународниот филмски фестивал „Арсеналс“ во Рига од 2000 до 2005 година.
Владимир Ангелов е продуцент, филмолог и актуелен директор на Кинотеката на Македонија. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности, кратко време работи како продуцент во „Вардар филм“. Од 1995 г. до денес работи во Кинотеката.
За кратките филмови, пак, одлуката ќе ја донесе жирито во состав: Мехмет Бахадир, Петар Станојловиќ и Никола Поповски.
Мехмет Бахадир дипломирал на универзитетот за ликовни уметности „Мимар Синан“, на одделот за филм и ТВ. Неговите филмови постигнаа значителен успех на националните и меѓународните фестивали. Петар Станојловиќ (1979) е српски филмски и телевизиски режисер. Дипломирал филмска режија, а завршил и магистерски студии од областа на филмската и медиумската продукција. Никола Поповски е филмски и телевизиски режисер што досега работел на повеќе филмски и телевизиски проекти. Неговиот потпис стои на повеќе кратки и долгометражни филмови, документарни и играни, како и на играната серија „Црвениот поет“. Неговиот краток филм „Последните камбани“ својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада, каде што ја освои првата награда за најдобар краток филм.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 27 до 31 октомври. Покрај филмовите од натпреварувачката програма, годинава во фокус се филмови од Ирска, Франција и Австрија, а ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“. Филмовите ќе се прикажуваат во киното „Милениум“ и во Кинотеката.