„Буре барут“ е негова најизведувана драма, преведена е на 18 јазици и поставена во 23 земји, освен на Балканот, и во Холандија, Шведска, Германија, САД, Австрија, Англија, Јапонија, Данска…

Чекајќи го моментот кога повторно ќе почнат да се играат претстави од вечер во вечер, Југословенско драмско позориште од Белград сака да остане во контакт со публиката на единствениот начин што е можен во услови кога најодговорно кон себе и кон заедницата е да се остане дома. Затоа од вчера на јутјуб-каналот (Југословенско драмско позориште) и на веб-страницата jdp.rs ќе се емитуваат снимки од неколку претстави. Првата претстава прикажана вчера беше „Хадерсфилд“ на Угљеша Шајтинц, во режија на Алекс Чизхолм, која ќе биде прикажана и вечерва, и в сабота и недела, од 21 часот.

Ретка можност за македонската публика е тоа што ЈДП ја избра и претставата „Буре барут“ на нашиот драматург Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, која ќе може да се погледне в четврток, на 2 април, а потоа во наредните три дена ќе има уште три скрининзи. На 9 април, пак, на онлајн-репертоарот е „Скакулци“ на Билјана Срблјановиќ, во режија на Дејан Мијач, а на 16 април на програмата на ЈДП е претставата „Венцијанскиот трговец“ на Вилијам Шекспир, во режија на Егон Савин.
Инаку, на почетокот на годинава, 25 години од поставувањето на „Буре барут“ на Дејан Дуковски во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград, реномираниот македонски режисер и еден од омилените автори на српската театарска сцена, Слободан Унковски, ја имаа премиерата на претставата „ММЕ кој прв почна“.

Тандемот Дуковски – Унковски, славниот македонски драматург и режисер, со големи букви се впиша во историјата на белградската култура и театар уште пред 25 години, со култната претстава „Буре барут“. Тоа побуди голем интерес уште кога се најави новата претстава, а во пресрет на премиерата, вљубениците во театарот чекаа со голема возбуда.
„ММЕ кој прв почна“ е десетта режија на Унковски во ЈДП, каде што ги има режирано и: „Хрватски Фауст“, „Театарски илузии“, „Буре барут“, „Шини“. Дејан Дуковски, пак, е едно од водечките имиња во македонската современа, постмодерна драма и драматургија. Особено со неговите драми „Балканот не е мртов или магија Еделвајс“ (1992), „Буре барут“ (1994) и „Маме му ебам кој прв почна“ (1996), тој не само што се стекна со реноме на виртуозен драматуршки мајстор кај нас, на Балканот, туку сè поголем е бројот на театарски поставки во врвни светски театри.

„Буре барут“ е негова најизведувана драма, преведена е на 18 јазици и поставена во 23 земји: Македонија, Србија, Холандија, Шведска, Грција, Бугарија, Германија, САД (Лос Анџелес и Њујорк два), Австрија, Англија, Финска, Хрватска, Франција, Јапонија, Данска, Полска, Швајцарија, Италија, Русија, Казахстан, Турција, Романија, Унгарија. На некои од овие драми изведбите во земјите им се повторуваат, а во некои градови драмите се играни и по неколкупати на различни сцени.